
,,Раскажувачката”
Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска
Што му преостанува на секој нормален човек кој живее во држава каде е важно чиво дете си, во која боја си обоен (партиски), колку кеш имаат твоите и кого познаваш? Единствената надеж за да преживее е да аплицира за келнер, продавач, молер, чистач, дистрибутер, таксист, бугарски пасош или да пишува колумни. Овде не е важно што знаеш, туку кого знаеш.
Па така, јас кога еднаш решив да се рехабилитирам од ноќните смени по дискотеки, аплицирав во неколку фирми за работа. Нормално, неуспешно. Ми преостана среќата да си ја пробам у кафич, дневна шема, каде ќе можам да имам понормално работно време. Ме примија. Тоа беше ,,далечната” 2011 – та.
Платата беше смешна исто како газдата. На ова место Хитлер имаше оставено аманет. На фрижидерот имаше залепено листа на тоа што не смееш да правиш во текот на тие осум часа. Пауза строго забранета. Седење во никој случај, дури и кога има повеќе персонал од гости. Газда Мртви Намќоровски беше ликче на педесет и кусур години кој живееше со мајка му веднаш над кафичот. Никогаш не се смееше. Тенот му беше толку жолт, што секој Кинез би можел да му позавиди. Восочните фигури од Мадам Тисо беа далеку поживи од Мртви. Животот му беше исто ко и самиот тој. На одмор немаше отидено петнаесет години, затоа што тоа било залудно трошење на време и пари. А пари и време имаше колку сака.
Август, 14 часот. Надвор 50 степени, а јас со ајнцерот стојам директно на сонце. Конечно се олабавив малце со работа. Од вкупно триесет маси на терасата имаше само двајца гости, уредно послужени. Капе пот од мене, мислам ќе добијам топлотен удар. Конечно решавам да одморам. Не да седнам, иако не бев ниту јадена, ниту седната од 8 часот сабајлето, туку да го потпрам грбот на дрвеното буре кое стоеше надвор. Ми ѕвони телефонот:
-Ало, Фросина, Мртви е на телефон.
-Оооо, газда, повелете.
-Знаеш ли дека е забрането да се седи на работно место?
-Знам. А дали ти знаеш што е мобинг?
-Значи Фросина тргни се од бурето, не смееш ни да се потпираш. Работно време ти е осум часа и ти цело време треба да си во движење и да работиш дури и кога нема ни еден гостин.
-Нема да се тргнам. Јас сум овде вработена, но не сум ничиј роб. Ова што го правиш е нечовечки. Ова не е работа, бидејќи во овој момент нема работа, туку е изживување и мачење. Сработено е се`. Ова е физичка работа, која бара и одмор, затоа што непрестана физичка активност 8 часа не е во ред ни од медицински, ни од морални, ни од етички причини. Плус треба да си среќен што од евтина работна сила добиваш целосно завршена работа. Затоа остај ме да одморам додека не сум паднала у несвест у моментов и додека не сум добила топлотен удар, затоа што сум директно изложена на сонце.
-Мене вака никој до сега не ми пререкол. Јас те плаќам и ти треба да слушаш наредби. Плус ни еден од другите вработени не се осмелува ни да ме погледне во очи кога им викам, а не па вака да ми одговара.
Вистина беше тоа. Најголем дел од персоналот кога требаше да му побараат плата, која тој понекогаш и ја забораваше, му се тресеа, им паѓаше шеќерот и спремаа говор од дома како да му пријдат за да не го налутат. На една колешка Даниела секогаш и` беше лошо и се тресеше кога ќе трбаше да му побара плата. Ако ја чита колумнава може и лично да го потврди тоа. Алоооо, се плашеа да си ги побараат сопствените пари. За мои пари, кои сум ги заработила не само со работа, туку и со измачување, ќе му се обратам како сакам.
Доаѓа моментот кога јас треба да земам плата. Пројде први, пројде петти, дојде и десетти во месецот. Дома у фрижидер имав само леб и маргарин и еден домат што се тркалаше. И две неплатени сметки за струја. Им велам на Даниела и на Маријана:
-Сеа на Мртви ќе му ги побарам парите.
-Леле како ќе му ги бараш еј, ќе го налутиш, пази.
-Дали сте вие добри, кај ви е самодовербата и свесноста за вашите работнички и пред се` човекови права?
Девојките и ден денес ми се другарки. Ги разбирам потполно, затоа што тогаш тие беа деца, со прво работно искуство во животот. Мртви седи на шанк и шмрка еспресо, додека ние правевме попис на робата. Не` тераше секој ден да ги броиме лажичките за кафе. Ги броевме и овошјата, парче по парче кои стоеја во магацинот кој беше со големина слична на кванташки пазар. Не го интересираше дали некое јаболко е скапано и за фрлање. Пиши го дека фали. Фалеше уште да не` натера да ги броиме и кикириките.
-Мртви, плата да ми дадеш , – му велам.
-Фросе, ај бриши не ме замарај.
-Значи плата, месец и пол ми должиш. Парите ми требаат.
-А, бе, ти реков бриши од тука, не ме замарај. Јас ко ќе сакам тогаш ќе ти дадам плата.
-Слушај ваму ти восочна фигуро, платата да ми ја дадеш веднаш, во овој момент. Да не дадеш плата на вработен е исто како вработениот да не ти дојде цела недела на работа и ко ќе го прашаш кај си ти до сега, тој да ти рече , ај бе не ма замарај’ , ќе дојдам кога јас сакам. Исто е. Само улогите се сменети, за да ти доловам како ти постапуваш.
-Е, ќе ти ја дадам јас ко ќе сакам, а тоа не е сега.
Чекам да дојде пладне, кога се полни терасата до последно столче. Се наполни. Ни еден гостин не беше послужен. Си ја земав ташната и тргнав да си одам:
-Фросе, каде ќе одиш? , – испаничено ми вели Мртви.
-Па да бришам, да не те замарам.
-Терасата е полна.
-Мене тоа не ме интересира, исто ко што тебе не те интересира дека заради тебе јас дома јадам леб и маргарин. И слушај ваму, утре ко ќе дојдам, платата сакам да ја видам. Бирај. Или плата или инспекција.
Си заминав. Наредниот ден отидов да видам дали префрлил плата. Мртви кога ме виде дека влегувам накурчена левел ,,ти ебам се по список до трето колено”, избега од задниот влез. Тоа се тие мажиња кои се јачаат само додека другите им молчат. Важно платата ја даде.
Дента после мојот отказ се охрабриле и Маријана, Даниела и Даниел да дадат отказ. Другата Маријана даде отказ неколку дена после нас. Тоа значи дека 80% од персоналот му замина во два дена.
Ова општество е место на робови и робовладетели, а не на работодавачи и вработени. Секоја чест на ретки исклучоци каде имам работено и ден денес газдите и шефовите ми се пријатели. Луѓе борете се за своите човекови и работнички права или заминете си. Физичкото и психичкото малтретирање на работното место се случува затоа што работниците молчат. И сфатете веќе еднаш, вас газдите не ве гледаат како личности, туку како инструмент за лично богатење. Нив не им е гајле дали вие ќе си заминете среќни после работа, дали ќе си отидете задоволни и исполнети. Не им е гајле дали вас ве болат нозате и кичмата. Гајле им е само тоа како да им купат нова кола на нивните дечиња кои по статус се општествени паразити. Не им е гајле дека вие јадете леб и маргарин, затоа што они на Миконос ќе наоѓаат маани на кавијарот и ќе имаат личен кетеринг на сопствената јахта, за која вие сте заслужни што тие ја имаат. Вие сте им го направиле богатството. Сегде во светот е така. Ние робовите работиме на исполнувањето на соништата на робовладетелите. Ама барем во демократски држави низ светот робовите се достоинствено платени, за да можат да живеат нормален и исполнет живот.
Борете се за себе и не прифаќајте ништо помалце од она што сте го заслужиле. И почнете да работите на своите соништа, зашто во спротивно ќе работите на исполнување на туѓите соништа.