
Метрополата, веќе неколку часа, е блокирана од над 200 автобуси, ангажирани за организиран превоз на луѓе за потребите на настанот во организација на владеачката СДСМ- ,,Марш за европска Македонија”. Со други зборови, ако во секој автобус собира 70 лица, СДСМ довлечка во Скопје 14.000 луѓе. Најспонтано.

Автобусите, со кои членови, симпатизери и поддржувачи, пристигаа од 12.30 до 13 часот, се паркирани од двете страни на булеварот Партизански одреди, на потегот од ,,Симпо” до Соборен храм, како и кај поранешно Сајмиште. Маршот, чија цел е успешност на референдумот, започна од Црвениот крст, а заврши пред седиштето на ЕУ, каде е поставена бина. Блокиран е цел поширок и потесен центар.

На посетителите, кои пристигнаа од цела Македонија, кај Соборниот храм, им беа поделени маички со логото ,,за”, запалки, пенкала. Внатре во автобусите добиле по два сендвича, потврдија луѓе-учесници.
Неофицијално, секој лојален член на партијата поканил уште по двајца пријатели за поголема масовност.

Отприлика вака изгледа ,,спонтаниот” марш на владеачката СДСМ, која во минатото го обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ за изнасилени партиски митинзи со организиран автобуски превоз, делење сендвичи и сладоледи за задолжително присуство на настани на кои ќе зборува лидерот, партиски притисоци. И секако ветуваа дека ќе бидат поинакви од претходната власт.