Непознат сторител оштетил десет носечки потпорни столбови во долниот дел од скопскиот Аквадуктот, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Аквадуктот е дел од културно наследство и датира од времето на Римското царство или Византија од времето на Јустинијан Први, од 527 – 554 година.
Според МВР, настанот бил пријавен вчера околу 11.00 часот во СВР-Скопје, од страна на директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје.
Во моментов, се преземаат мерки за расчистување на настанот, а споменикот го чува полиција.
По повод немилиот настан, денеска, се огласија и од Министерството за култура. Енергично го осудија вандалскиот чин на оштетување на Аквадуктот.
-Во соработка со Управата за заштита на културното наследство, Конзерваторскиот центар –Скопје Општина Карпош, Министерството за внатрешни работи и Министерството за култура, по извршениот увид преземени се итни мерки за превентивна заштита и се обезбедени засилени патроли за безбедност на Аквадуктотот кој е заштитено културно наследство од прва категорија – , се вели во соопштението.
Од владеачката партија, пак, уште пред две години ветија конзервација и ревитализација на споменикот, но засега има само идеен проект. Меѓудругото ветија и уредување на околината, која со години, редовно, служи како простор за диво депонирање на ѓубре.
Во февруари 2018-та, тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, во присуство на премиерот Зоран Заев и скопски градоначалници, изјави дека први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази. Освен тоа, рече, дека Министерството ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони.
[facebook]