
Од граѓанската иницијатива ,,О2″ информираа дека и оваа грејна сезона на мазут останува студентскиот дом ,,Кузман Јосифовски-Питу” во Центар, но и други објекти за кои надлежните ветија дека ќе бидат приклучени на топловодна мрежа, за да се намали загадувањето во Скопје.
-Да ставиме крај на дилемите, ако воопшто некој уште ги има. Ништо не е направено. Допрва јавни набавки, ти реков ми рече. Од БЕГ не можеше да се добие нормална информација, до каде е проектот, што е кочницата, зошто до сега не е завршено и слично, само суво и кратко дека од нивна страна се преземени и завршени сите обврски за приклучување на студентскиот дом ,,Кузман” – , информираа од ,,О2″.
Од директорот на студентскиот дом добиле одговор дека добиените проекти (за линиска инфраструктура за изградба на приклучен вреловод, за изградба на нова топлинска станица во студентскиот дом и санитарна топла вода и технолошка пареа) од БЕГ се на ревизија. Кога ќе заврши ревизијата, ќе се распише јавен повик за избор на надзор и фирма изведувач. ,,Допрва процесот ќе започне”, дополнуваат од граѓанската иницијатива и заклучуваат дека и оваа грејна сезона, студентскиот дом, ќе се загрева на МАЗУТ.
На мазут, исто така, оваа сезона ќе се затоплуваат и болницата ,,Мајка Тереза”, како и Гинекологија во Чаир, за која минатата зима беше најавена гасификација.
-Министерството за здравство во годишниот план за јавни набавки планирало во февруари да се распише тендер за изработка на ревизија на основен проект за нова котлара, во март за изведба на котларата и за стручен надзор над изведбата, а во јули за набавка на гас.
Тендерот од февруари го поништиле зошто тендерската документација содржела битни пропусти или недостатоци. Дури во јули повторно објавиле нов, но склучен договор нема. Не објавиле тендер за изработка на ревизија на основниот проект за котларата како што било предвидено, а изминатиов месец објавиле понуда за набавка на гас за достава од април 2020 натаму – , потенцираат граѓанските активисти во своето соопштение до јавноста, додавајќи дека надлежните, со неисполнување на ветувањата и обврските, докажале дека се неспособни до крај.
[facebook]