СВЕТСКИ ДЕН НА СРЦЕТО: Првата дама ќе ја најави тримесечната кардио-акција во Македонија

Универзитетската клиника за кардиологија во цел на одбележување на Светскиот ден на срцето – ,,World Heart Day”,  организира серија на настани кои отпочнуваат утре, на денот на срцето – 29 септември 2019. година.
Настаните ќе продолжат во текот на 2019. и почетокот на 2020. година и ќе финишираат на 1 Февруари 2020. година на денот на одбележување на женското срцево здравје.

Мотото на овогодинешната акција е ,,Црвен аларм за женското срцево здравје”.
Целна популација се жените во работоспособна возраст, до 65 години, со недокажана кардиоваскуларна болест.

Целта е кардиоваскуларен скрининг на оваа условно кажано здрава популација.
Оваа година, Универзитетската клиника за кардиологија активностите ги изведува партнерски со:  Здружението на матични и лекари по семејна медицина и Центарот за Семејна медицина.
Во промотивните активности ни се приклучува и Здружението на пациенти со кардиоваскуларни болести ,,Здрава иднина”.

Поддржувач на акцијата е Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Покровител на акцијата е Фармацевтската компанија ,,Алкалоид”.

Централниот настан, на кој ќе биде најавена акцијата, ќе се одржи утре со почеток во 20 часот во ресторанот ,,Воденица”, со пригодна програма насочена за јакнење на свеста за женското кардиоваскуларно здравје.
Покрај Ѓоргиевска, свои обраќања ќе имаат и директорот на Универзитетската клиника за кардиологија, пациенти со кардиоваскуларни болести, а ќе проговорат и жени за значењето на кардиоваскуларното здравје.
Се очекува присуство на истакнати жени од областа на медицината, јавниот живот и дипломатскиот кор.

Активностите ќе ги најават претставници на организаторите.
Во текот на ноември и декември 2019, како и јануари 2020. година, одбрани матични и семејни лекари од територијата на Скопје ќе вршат кардиоваскуларен скрининг на жените без докажана болест.
Жените со среден и висок ризик ќе бидат упатувани на превентивни кардиолошки прегледи.
,,Сакаме да нагласиме дека акцијата е организирана со цел да ја зајакне врската меѓу трите основни алки кои го чинат синџирот неопходен за успешна и навремена кардиоваскуларна превенција: пациентите, матичните и семејни лекари и кардиолозите. И медиумите, како четврта алка во синџирот”, се вели во соопштението.
Резултатите од кардиоваскуларниот скрининг ќе бидат презентирани пред стручната јавност и публикувани во медицинските и електронските медиуми.

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!