На 43-тиот роденден на Општина Карпош, градоначалникот Стефан Богоев, обелодени дека по 20 годишна катастарска и концесионерска голгота, салата ,,Наум Наумовски-Борче” попозната како ,,Партизан” во Карпош 3, се враќа во владение на локалната власт.
По завршување на формалностите, ќе почне и обновата, а објектот повторно ќе стане спортски симбол на младите.

– Во прашање се денови на доделување и завршување на сите формално правни процедури. Ова е победа на урбаното и модерното! Победа на традицијата! Победа на спортот! Победа за „Партизан“, како препознатлив бренд на Карпош и на Градот Скопје – , рече Богоев на мултимедијалниот настан со којшто се одбележа 43. годишнината од основањето на Карпош.
Настанот, под мотото „43 години со љубов за Карпош“, се одржа во Кинотеката на Македонија, каде беа изведени повеќе перформанси кои го симболизираат Карпош.
– Искрено се надевам дека „Партизан“ ќе биде споменик на новото време. Тоа е повеќе од спортска сала и објект. Со неговата возобнова ќе го вратиме обележјето на една цела генерација на карпошани кои годиниве стравуваа дека и „Партизан“ ќе настрада од насилната урбанизација. Верувам дека секој треба да остави свој печат во своето работење. По завршување на мојот мандат, се надевам дека „Партизан“ и паркот долж Вардар ќе бидат главни обележја на овој период – , порача градоначалникот.
Салата е изградена по земјотресот во 1963 година, како донација од Франција.
РЕТРО : ИСТОРИЈАТ НА УНИШТУВАЊЕТО НА ,,ПАРТИЗАН”
Агонијата, пропаѓањето и уништувањето на салата ,,Партизан” во Карпош 3, започна пред точно 17 години, кога Катастарот, во 2002 година, издаде два имотни листа на две различни институции и така создаде хаос околу сопственоста.
Па, така, за салата, паралелно, еден имотен лист поседуваше друштвото “Партизан-Н.Н.Борче” од 1998 година, а вториот, од 2002 година, јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, чиј директор беше Аљиљ Паљоши од ДУИ.
Тој, салата ја издаде под закуп на 30 години на приватна фирма, но и други спортски објекти на косовски фирми, спротивно на законот. Поради тоа беше разрешен, а во 2005 година, заврши на суд, па во притвор.
Потоа, сопственик на салата стана државата, поточно Агенцијата за спортски објекти.
[facebook]