Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
,,Точно на 20 ноември, пред една година, бев хоспитализиран на Клиниката за кардиологија кај д-р професор Христо Пејков, со дијагноза – пулмонална емболија со тромбофлебит.

Овој поглед во далечина не ќе беше регистриран, да не беа повеќе среќни околности, желбата за живот и сите можни екими со разни знаења од различни области: конвенционалната медицина, алтернативната медицина. Мислам на Ѓорѓи Филев Македонски и неколку значајни за мене личности.
Да не ја заборавам и д-р Софија Пејкова, која всушност прва забележа дека нешто не е во ред со мене и земајќи ми крв, констатираше дека е сериозно загрозено моето здравје.
Јас за себе имам мислење дека сум добар познавач, воедно и љубител на медицината, но за наведената дијагноза првпат слушнав откако ми ја констатираа. Сега знам многу, но…
Во неколку прикаски ќе ја раскажам мојата борба за животот и смртта, борбата помеѓу јавето и сонот, односно како јас ги доживеав најдолгите 17 дена поминати во кревет. Без притоа да смеам и да отидам до ве-це (кое беше единствено на интензивна во мојата соба), како третиот ден се сретнав со Бога и накратко не бев присутен на овој свет, преку желбата седмиот ден сам да се решам, кога ми соопштија дека ќе треба да лежам уште 10 дена, до медицинската сестра која ме извлече од таа суицидна идеја, раскажувајќи ми неверојатни прикаски кој лежел во мојот кревет и што се` правеле одредени личности.

Потоа дојде излегувањето од болница, првото чувство на немоќ, но и инаетот кој не ми недостасуваше секојдневно да вежбам, да читам, да шетам по најголем студ. По 20 дена се фотографирав со моите вработени во фирма, на 1 јануари ги посетив моторџиите на плоштад, па се фотографирав со трчачите на Кокан Ајановски, а истиот ден бапнав и пиво со ,,091 Run Crew”, бидејќи правеа прослава.
Сите ме гледаа со неверување и радост, која им бликаше од очите. Од тој ден, цврсто решив дека ќе се вратам во целост. Се разбира, со божја помош, инает, многу вежбање, гладување со сокови, промена на исхраната и мнооогу движење.
Во февруари веќе трчав и во наредните месеци почнав сериозно да возам точак и да комбинирам со трчање, за да можам сега, месецов, да кажам дека сум целосно вратен.
Ете, затоа ќе пишувам овие денови. Но, да не бевте вие сето ова ќе немаше смисол. И дефинитивно, ноември, е месец на тага и радост.
Благодарение на ,,горниот” во комбинација со мојата огромна желба за живот, дочекав и да се израдувам на свадбата на мојот син.
Толку, како вовед.
Сполај ти Боже, што ми дозволи ова да го споделам со пријатели.”
(Продолжува)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]