Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.
ВТОР ДЕЛ – ПРЕД БЕЛЈАТА
,,Ланската 2018-та година имав повеќе успешни настапи во странство и дома и едно успешно деби на дуатлонот во Скопје, на кој почнаа посериозните проблеми со моето здравје. Како што гледате на сликите претходно, секаде сум насмеан, весел и развиен, ништо не укажуваше на посериозен проблем.
Но..да тргнеме со ред. Првпат во Софија, на 17 километри, почувствував мало трнење во десната нога. Не обратив внимание и успешно, без напор, го завршив ,,Софискиот маратон”. Потоа следуваше маратонот во Љубљана на кој на 18 километри престанав да ја чувствувам десната нога, од глуждот надолу. И овој маратон го завршив без посериозен проблем за 1 час и 57 минути и првпат му признав на Атанас Наумов дека последните километри ги трчав ,,на тепка”, без чувство во десната нога.
Во авионот на враќање, патиките ми станаа малку тесни, но помислив дека тоа е бидејќи се нови. А, како притоа трчав со нив и не ми правеа проблем!?
Со несмалено темпо, по враќањето, продолжив да посетувам теретана, да возам точак и да трчам, подготвувајќи се за претстојниот дуатлон. Но, сега веќе со посериозно трнење во левата нога. Дуатлонот го завршив со последни сили. Девојката од ,,прва помош” ја замолив да ми прсне некој спреј против болка. Кога ми ја виде ногата рече – ,,длабока венска тромбоза изгледа имаш”. Тогаш ми стана јасно дека нешто не е во ред, но не ми беше јасно докрај.

Важно сезоната ја завршив онака како посакував. Продолжив во наредните денови со акцент на теретана, но таму почнав да чувствувам грчеви во мускулите и сметав дека е вообичаено по толку внесување на протеини. Немирно спиев и гарминот покажуваше зголемена активност на срцето, некаде 65 отчукувања во минута, што беше за 12 отчукувања повеќе од нормалното. Ние, спортистите, имаме понизок пулс од останатите луѓе.
Се решив да правам ,,магнет” и Магдалена Богучевска од ,,8 Септември” ми излезе во пресрет. Го направивме и некако нерасположена ми рече да дојдам и следниот ден за компјутерска томографија.
Направивме дијагнозата, беше целосно разочарувачка – како што може да се види на сликата, немам артерии на лева нога, од под колено. Чудо како сум функционирал сиве години!? Со колатерала, разбира се.

Магде, рече да закаже уште едно, поинванзивно снимање, а јас не се сложив. Ми рече – ,,опоменат си дека сега е премногу сериозно за да се заебаваш. Не дека претходните пати беше заебанција, ама сега е животозагрозувачки.”
Ноќта, дома, и` реков на жена ми: – ,,подгледнувај ме ноќва дали дишам, нешто чудно се чувствувам.”
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]