Кога некој посетува Зоолошка градина, логично и психолошки е при прошетката да застане пред животното кое најмногу го асоцира – на себеси.

Тоа за мене беа леопардите во скопската Зоолошка градина – ,,големите мачки”. Од светските истражувања, познато е дека нивното крзно им овозможува камуфлажа во природата, својот плен го ловат ползејќи ниско и криејќи се зад грмушки, ноќе не спијат – напротив ловат. Јадат месо, но не се многу пребирливи ако начекаат нешто друго.
Ме воодушевија на прв поглед – нивната грациозност, силата, фокусот, концентрацијата, опседнатоста со задачите во тој нивен микросвет кои си ги поставуваат, со боите на телата, игнорирањето на звуци и неважни нешта.
За разлика од нив, кои, појадувале месо, јас дента јадев ѓеврек и ги набљудував половина час овие предатори, што прават и како се однесуваат. Мажјакот се движеше по една патека, вртејќи кругови, а женката седеше и одмораше.
Мажјакот, дента, имаше рутина, да оди по својата истапкана и оформена патека. И тоа го правеше опсесивно.
И двајцата не реагираат на звуци, баш никакви, кога во прашање е нивното трпение, време и задачи, а наоколу се луѓе, кои, ги гледаат преку оградата. Неважни сме им. Целосно. Додека не се загрозени.

Јихлек и Сарина се двата леопарди, жители на скопската Зоолошка градина веќе девет години.
– Често посетителите знаат да ги наречат најзаљубената двојка бидејќи се постојано заедно, се гушкаат или се галат. – , објасни директорот Ѓорѓи Галетановски.
Мажјакот Јихлек е роден во Чешка, во мај 2009 година, а женката Сарина во Германија истиот месец и година.
Потоа биле жители на Зоолошката градина ,,Орса” во Шведска од каде допатувале во Скопје.
– Пред неколку години тие добија и малечки кои денеска се жители на други зоолошки градини. Живеалишето им е направено по светски стандарди, со богати содржини и место за почивка кое им е омилено и на двајцата. – , раскажаа негувателите.
Она кое е сериозен проблем околу овие животни-предатори, се несовесните и неодговорни посетители. Има знаци за опасност, предупредување, ограда со струја, но се бескорисни кога во прашање се тврдоглави луѓе.
Па, така, честопати се случува, посетителите воодушевени од леопардите и покрај знаците, да пикнат телефон преку ограда, со желба за што подобра фотографија. Поради тоа,
телефоните често им паѓаат во живеалиштето, што е дополнителен проблем за вработените.
– Затоа постојано апелираме да не се доближуваат блиску до оградата, каде што има и струја. Леопардите се силни животни. Мажјаците се доста поголеми од женките и по тоа се разликуваат. – појаснија од скопската Зоолошка градина.
Јихлек и Сарина ги чуваат четворица негуватели. Се хранат со високо квалитетно јунешко и пилешко месо во понеделник, среда и петок. Во природата, се хранат еднаш неделно.
ОГРАДА КОЈА НЕ УБИВА ЧОВЕК, НО Е ОПАСНА
Оградата околу кафезите на леопардите е под напон. Има предупредувачки знаци за посетителите на видливи места.

По ниеден основ не смее да се доближувате до неа, да ја допирате, доколку не сакате да бидете изложени на електричен напон кој може да ве исплаши и вознемири.
Текст – Јорданка Ивановска ; Фотографии – Горан Анастасовски (со дозвола од раководството на Зоолошка градина – Скопје)
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]
© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржините за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до веб страници, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.