Антони Пешев, нов кум за Бадник: Нација без традиција не е нација

Антони Пешев, Претседавачот со Собранието на Стопанската комора и претседател на бордот на ,,Ултра-Унет” е избран за кум- бадникар за 2020 година, соопштија денеска од Здружението на граѓани ,,Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје”. Здравичар за Бадник ќе биде архитектот и раководител на Одделот за документација, конзервација и изложбена дејност во Музејот на Македонија, Климе Коробар.

На новите бадникари, Пешев и Коробар, им честиташе градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ

– Не можам да ви опишам колку сум среќен што денес ми е укажана честа да бидам кум-бадникар на мојот град, на моето сакано Скопје. Секој човек длабоко во душата би сакал да направи нешто што ќе биде дел од вечноста. Но за жал, на нас обичните смртници вечноста не ни е достапна. Ни останува можноста да го градиме она што е наша човечка замена за вечноста, а тоа е традицијата – рече Пешев.

Додаде дека кога една традиција се слави повеќе од четврт век, тогаш таа станува дел од народните обичаи, станува дел од народот.

-Нација без традиција не е нација – потенцираше новиот кум, поканувајќи ги сите на 6 јануари, 2020 година пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

На Пешев и Коробар им честиташе градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој, рече дека се радува што традицијата трае повеќе од 20 години и што не само повозрасните, туку и се повеќе млади луѓе се вклучуваат во одбележувањето на Бадник.

Здравичарот Коробар рече дека традицијата е столб на културниот идентитет на македонскиот народ. Порача Македонија да исплива од матните води и овој Бадник да донесе среќни луѓе и разбирање меѓу нив.
По завршувањето на прес-конференцијата во Општина Центар, Миле Сирма, резбар потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци, подари дрворез за бадникарите.

Бадниковите гранчиња, традиционално, ќе се сечат на 22 декември напладне во месноста Краста на падините на Водно. Истите, на 6 јануари, во 11 часот пред Соборниот храм, ќе се делат граѓаните.

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!