Бели лавови, за првпат во Македонија, пристигнаа во скопската Зоолошка градина. Директорот на Зоолошката, Ѓорѓи Галетановски соопшти дека вчера од Германија во Скопје допатувала женката – лавица Бела, а следната недела се очекува да стигне мажјакот Чака од Франција.
Раководните лица на установата информираа дека планираат да донесат и бели тигри, но и други бели видови.
– Градот вложува и Европа се залага што побрзо нашата Зоолошка градина да стане европска. А, ние, годинава сакаме да постигнеме максимална посетеност на Зоолошката градина – рече директорот, Галетановски.

За посветеноста и максималното човечко вложување во заштита на животните од вработените од оваа градска установа, говори и последниот пример на Тина Мицковска, портпарол на Зоолошката градина. Таа по неколкумесечна битка за спас на мечето Теди од штипската Зоолошка градина, успеа да издејствува негово преместување во европски центри и подобра грижа за него. Во тоа и` помогнаа Фондацијата на Брижит Бардо и ,,4 Paws”.
– На крајот на месецот стручен тим од двете организации ќе пристигнат во Штип за да направат преглед на мечето, а потоа ќе биде однесено во резерват кој што се простира на 150 илјади метри квадратни каде се сместени и други мечиња како Теди. – информираше Мицковска.

Теди ќе патува или во Паркот на танцувачките мечки во Белица, Бугарија или во резерват во Швајцарија. И на двете места ќе добие соодветна грижа, ќе се ресоцијализира и ќе се води грижа за неговата психичка состојба.
Мечето Теди, пред три години, како мал во планина го пронајде неврохирургот Јовица Угриновски. Кафезот тогаш беше соодветен за него, но последната година тој се самоповредуваше секојдневно од жиците, немаше простор за движење, а здравствената состојба му се влоши рапидно.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]