Соработката меѓу научниците кои работат на истражување на геном од Универзитетот Хадерсфилд во Велика Британија и Универзитетот Минхо во Португалија резултираше со една од најголемите анализи од ваков вид на илјадници вирусни геноми, чии примероци беа собрани во земјите низ светот.Научниците од Универзитетот Хадерсфилд ја мапираа дисперзијата на вирусот САРС-КоВ-2, одговорен за пандемијата на болеста КОВИД-19 и заклучија дека главниот извор за ширење на пандемијата е Европа, а не Кина, од која првично се шири новиот коронавирус на други делови од светот.
Истражувањето потврди дека новиот коронавирус првично пристигнал од Кина и дека најверојатно се проширил на луѓето од лилјаци. Истражувањето е објавено во посебен број на научното списание „Микроорганизми“.
Студијата открива дека забраните за движење во Велика Британија и Европа се премногу слаби и биле воведени предоцна, па вирусот всушност се проширил во САД и остатокот од светот претежно низ цела Европа, отколку директно од Кина.
Студијата се фокусираше на 27.000 геноми на вируси чии примероци беа собрани низ целиот свет. Научниците инаку обично испитуваат миграции во историјата на човештвото преку митохондријална ДНК и сега го искористија фактот дека вирусниот геном е сличен во клучните работи.
Со оглед на огромната големина на собраните податоци, оваа студија, која започна во мај, се смета за најголема анализа од ваков вид досега.
Истражувањето е спроведено од д-р Тереза Рито, клинички генетичар и д-р Педро Соарес, еволутивен генетичар, од универзитетот Минхо и професорот Мартин Ричардс и д-р Марија Пала од универзитетот Хадерсфилд.
Д-р Пала верува дека подобро разбирање на брзото ширење на вирусот, исто така, ќе овозможи подобро разбирање на самиот вирус, како и ќе помогне да се преземат подобри мерки за да се спречи ширењето на пандемијата.
Илјадници животи сè уште се изложени на ризик, потребата за научни истражувања сега е поважна од кога било досега, вели д-р Пала.
Извор: Универзитет во Хадерсфилд