Потопот и поплавите поради дождот што пристигна со ураганот Јота, кој ослабе и стана тропска бура, продолжува да ја опустошува Централна Америка.
Јота, која пристигна на северниот карипски брег на Никарагва во понеделникот вечерта во екот на нејзината разорна моќ, однесе четири животи: по еден на колумбискиот остров Провиденс и Панама и две деца во Никарагва кои ги однесе надојдената река што сакаа да ја поминат.
Како што стигна до карипскиот брег на Никарагва како ураган од петтата, највисока категорија од скалата Сафир-Симпсон, Јота, ослабе во тропска бура, со брзина на ветерот од 105 км на час, додека се движеше кон копното, соопштија метеоролозите од Никарагва.
Иако ослабена, Јота, продолжи да се движи на запад во вторникот, низ Централна Америка, која веќе беше уништена пред петнаесетина дена од циклонот Ета, кој пристигна на копното на Никарагва како ураган од категорија 4.
Циклонот Јота ќе продолжи да предизвикува поплави и зголемување на нивото на реките, заканувајќи им се на жителите со смрт до четврток, предупреди американскиот центар за набљудување на урагани (НХЦ).
Во Хондурас и Никарагва, штетата „може да биде уште поголема како резултат на неодамнешниот ураган Ета кој однесе најмалку 200 животи и погоди 2,5 милиони луѓе во Централна Америка, посочува НХЦ.
Обилни дождови и урагански удари го пресекоа Билви, најголемиот пристанишен град на северниот карипски брег на Никарагва.
,,Дрвјата и електричните столбови се срушени, покривите летаа од куќите и еден хотел остана без покрив”, рече директорот на Никарагва за цивилна заштита (Синапред) Џулермо Гонзалес.
Цивилната заштита во Никарагва стравува од лизгање на земјиштето кое беше натопено по минувањето на Ета. Ураганот го опустоши и карипскиот брег на соседен Хондурас.
Полицијата и војската во вторникот продолжија да ги евакуираат жителите од загрозените области во долината каде што е Сан Педро Сула, вториот по големина град во Хондурас и од населбите на главниот град Тегусигалпа кои се наоѓаат во близина на водотеците и се закануваат од лизгање на земјиштето.
Како што се засилуваше над топлите води на Карипското море, ураганот, уништи 98 проценти од инфраструктурата и уби жители на колумбискиот остров Провиденс, објави колумбискиот претседател Иван Дуке на Твитер.
Евакуации
Во Гватемала, во последниот ураган загинаа 46 лица, а 96 исчезнаа.
Гватемалската метеоролошка служба предвиде зголемување на врнежите во среда и четврток низ целата земја, каде тлото е веќе влажно, заканувајќи се со поплави, одрони и оштетување на патната инфраструктура.
Во Панама, повеќе од 2.000 луѓе беа евакуирани во засолништата, како и десетици илјади жители низ Централна Америка, кои мораа да ги напуштат своите домови.
Научниците предупредуваат дека поради глобалното затоплување како резултат на климатските промени, ураганите остануваат силни долго време откако ќе стигнат на копно.
Годинава се регистрирани дури 30 тропски бури на Карибите, Централна Америка и југоистокот на САД, што е највисока бројка досега.
Централноамериканските водачи, кои ги обвинуваат индустриските земји дека се одговорни за климатските промени, во понеделникот заеднички испратија барање до меѓународните финансиски институции за помош во реконструкцијата.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]