Пишува:// 🎬 Сашко Петров
,,А, бе, овие луѓе зошто си играат со оган? Зарем тие немаат поважни работи, како на пример, воспитување на своите деца за да нема повеќе војни“ [Ерих Марија Ремарк]
Вие, коишто од 1991 до ден-денеска не ги признавате придобивките од Народно- Ослободителната Борба!
Истите, Вие, кои ги менувавте имињата на улиците кои беа именувани по имињата на борците од НОБ!
Истите, Вие, кои што на 21-та Конференција на УМС на 15.09.2012 година пред тогашниот претседател Никола Груевски во еден глас се откажавте од делото на Гоце и Даме, воздигнувајќи го делото на Тодор Александров, пеејќи ја песната „Кога ќе те питам бабо“, на што плуски ви се направија на дланките, ракоплескајќи.
Истите, Вие, кои први извадивте бугарски пасоши, а со самото тоа во тој момент сте ја признале заедничката историја на овие две земји, денеска, плукате по Декларацијата и Договорот на социјални мрежи, по наредба на партијата.
Но, кога ќе имате потреба да ја напуштите Македонија, тогаш ја напуштате со пусулчето на кое пишува – Бугарин.
Јас, да речеме, ја разбирам причината, во поголем процент зошто наши сограѓани ги извадиле тие бугарски пасоши, но не го разбирам денешниот лажен порив на патриотизам.
Осквернавен споменикот на ,,12 Ваташки скоевци” во 2015 – злосторниците не се пронајдени
Истите, Вие, кои молчевте и сè уште молчите, ветивте, а уште ништо не направивте, кога на 8 Август 2015-та година, директорот на Музеј галеријата, Петре Камчевски, во посета на споменикот на „12 Ваташки Скоевци“, забележа дека од самиот споменик е украден бронзениот релјеф. Ден-денеска не се пронајдени злосторниците од сквернавењето на споменикот.
Истите, Вие, кои не писнавте кога од Општина Кавадарци, се тргна сликата на „12 Ваташки младинци“!
Истите, Вие, кои во 1999 година ја величавте заедничката Декларација, потпишана од тогашниот Премиер на Владата на Бугарија, Иван Костов и тогашниот Претседател на Владата на Македонија, Љупчо Георгиевски, во исто време и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во кој се колневте и со денови раце не миевте, ако се поздравевте со него!
Денес кога сте во Македонија плукате по Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој е направен токму по теркот на таа заедничката Декларација од 1999 година. Но кога сте во Бугарија, улизувајќи се на тамошните политички водства – се гордеете со овој договор.
Престанете да ширите зла крв и пизма!
Истите, Вие, кои со години ја менувавте историјата, ширевте зла крв и пизма , престанете тоа да го правите!
Човечки е да се згреши. Но, доблест е кога ќе ја прифатите грешката и ќе се извините. Тоа е она што Премиерот Зоран Заев го направи, доблестно се извини.
Но, кога ќе се извините Вие, за голиот популизам и политиканство!? Да водеше и СДСМ политика на популизам и националистичко хушкање, немаше да стасуваат позитивни ноти од сите земји членки на Унијата, немаше ние да бидеме ,,добрите”, а Бугарија ,,лошата”, туку ќе беше обратно – како во минатиот систем на владеење.
ПРОЧИТАЈТЕ: Јанушев кон Апасиев: Раката не можеме да ја сечеме, потребна е за чкртање статуси
Но, да се навратам на Договорот. Што е различно во споредба со Декларацијата потпишана во 1999-та? Клучен напредок е основање на „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на паритетска основа“ со што им се одзема сувереноста на толкувањата на политичарите, кој се предвидува во параграфите (1 и 2) во членот 8 од Договорот. Како и голем напредок на Договорот во однос на Декларацијата, е параграфот (3) од членот 8 на Договорот во кој се предвидува (заедничко чествување на заеднички историски настани и личности).
Што тоа значи?
Тоа значи дека според параграф (3) член 8 од Договорот, кога, ученици на основното училиште „Димката Ангелот Габерот“ од Ваташа, во еден глас ќе ги рецитираат стиховите од песната „Цветови“ на Славко Јаневски – ,,В Тиквешко негде, в некое село,
Кај в слана тивко венеше цвете,
– Убија дете”, Премиерот на соседна Бугарија треба да се поклони пред споменикот на „12-те Ваташки скоевци“. И да се извини за извршениот грозоморен чин, извршен по наредба на фашистичкиот окупатор. Тоа би претставувало чин на помирување, чин на признавање и извинување, нешто што Германија го направи многу одамна.
Софија да не ги силува историските факти
Точно е дека сегашна Германија не е виновна за постапките, злоделата и одлуките на тогашна Германија, водена од Хитлер.
Точно е дека денешна Германија не е виновна за Холокаустот, но ден-денеска го осудува.
Точно е дека сегашна Бугарија не е виновна за постапките и злоделата на тогашна Бугарија. Но, некогаш треба да ја имате доблеста како народ и држава, да излезете со крената, а во овој случај со наведната глава – да ги прифатите фактите од историјата.
Само на тој начин, поклонувајќи се пред фактите на историјата, растеретени од секојдневните политички фустрации можеме да градиме добрососедски односи со Република Бугарија и бугарскиот народ.
Темелите на државноста се изградени врз антифашизмот. Со одлуките од АСНОМ и АВНОЈ се потврдува нашата државност. Со одлуката на АСНОМ се потврдува постоењето на македонскиот јазик.
Секое силување и извртување на историските факти, од страна на официјална Софија, за кои што сè уште има живи сведоци, дополнително ќе водат кон продлабочување на предизвиканата политичка криза, како и растење на анти- бугарскиот и анти-ЕУ сегментот.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]