Спие ли некогаш Мадам Захариева?

Пишува:// 🎬 Јорданка Ивановска – Јоци

Секојдневни наслови во македонските медиуми околу спорот  Македонија-Бугарија и секако ,,ветото” се:
,,Захариева: Не ставивме вето, како што се обидуваат да претстават во Скопје“….. ▪Екатерина Захариева: Македонците шират лажни вести! Бугарија не и стави вето на Македонија…. ▪РСМ не го ценеше нашето пријателство, бевме принудени да не ја одобриме преговарачката рамка
Бугарија: Захариева бара хероите да бидат заеднички, а не бугарски...”

Просто фасцинантно е како бугарската надворешна и внатрешна политика ни се збурбати за толку брзо време и за век и веков – амин!

Еве, вчера на пример, министерката и вицепремиерка, гостувала во емисијата ,,Панорама” на Бугарската национална телевизија [БНТ]. Се чини, жената која не е фам-фатал, но гори да биде, по цели денови гостува по емисии и дава интервјуа. Просто лета по цели денови и ноќи од една во друга телевизија, и ја брани ,,бугарштината” од ,,лошите Македонци”.
Конзервативната Екатарина, која личи како секогаш да е исто облечена, закопчана до грло, вчера, ете – се појавила во црвено сако, со благо спуштен патент до деколте, каде бугарските бубуличави и пијани националисти, можеа да видат и нешто повеќе, бидејќи и ним до избори ќе им се збурбати темата. Па, ајде да се внесе и малку месо во ретроградниот предизборен политички маркетинг – кој ги запали сите житни полиња на соседот, но и покрај тоа – уште нема солзи кај пркосните Македонци.

Просто, чувството во нашиот гастроинстенален тракт, каде веќе ништо од ова не може да свариме ни со ,,нолпаза”, е како да не постои друга тема во тоа министерство која би ангажирала и окрупнила гласови во корист на Борисов освен – Македонија!

„Ние сакаме Скопје да се придржува до договорот, да не се обидува да го одложува неговото спроведување, да го запре – нешто што не се случува за прв пат. Договорот ги има сите гаранции дека ќе ги надминеме контроверзните прашања. Речиси веднаш штом станаа членка на НАТО започна чекор по чекор одложување во спроведувањето на еден или друг дел од него. Дојде до еднострано прекинување на работата на комисијата. Не само што не се презема ништо за спречување на говорот на омраза, туку тој ескалира. Имаме голем број сигнали од бугарскиот бизнис дека се создаваат непотребни административни пречки. Ова се случаи уште од 2019 година“, рекла вчера заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева за „БНТ“.

Кој, што прави – таа само за Македонија зборува!? Логично би било министерството под суверенитет на Захариева да си го прекрстат во ,,министерство за македонски работи”.

Туку, човек по толку време, читајќи ги сиве овие секојдневни, досадни и заморни наслови, не може, а да не се запраша – добро, спие ли некогаш Захариева!? Дали? А, ако заспие – Македонија ли ја сонува?!

Дали Бугарија го разложи фашизмот од тоталитарната ера на ,,Источниот блок” за кој пишуваше Жељу Желев?

Пред некој ден, министерката Екатарина Захариева, запраша: Како би се чувствувале ако 75 години по завршувањето на војната, некој ве опише како фашист?
Алудираше на фактот дека во нашите учебници уште пишувало ,,бугарски фашисти”.

Одговорот на ова прашање, уште во 1989 година, го даде бугарскиот прв некомунистички претседател, Жељу Желев. Сигурна сум – го читала, а потоа книгата му ја запалила.
Во предговорот на книгата ,,Фашизмот“, книга која никој во Бугарија не сакаше да ја издаде речиси 20 години и каде Сталин и Хитлер се прикажани на исто рамниште, во време кога пукаа темелите на ,,Источниот блок” [ во чие милје беше и Бугарија], тој напиша:
,,Ете зошто ќе биде покоректно ако речеме: да, точно е дека земјите како Бугарија, ГДР, Чешкословачка, Кина и сл.со политичките репресии, демагогијата, цинизмот, општата корупција, шовинизмот, патриотарството, безверието и сл.,од една страна, и со неформалните движења, отворената борба за демократија, со промените, од друга страна – многу повеќе прилегаат на фашистички држави, отколку на комунистички. Но, овој факт сведочи за тоа дека тие преживеале една определена демократска еволуција, достигнале една фаза на разложување на тоталитарната структура…”.

Дали Бугарија навистина стаса до фазата за која говореше Желев?!

🔴 ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ:

https://joci.mk/2020/11/16/%D0%B1%D1%83%D0%B3%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D0%BE-1946-%D0%BD%D0%B8-%D0%B3%D0%B8-%D0%B4%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D0%B0-%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BC%D0%BE%D1%88%D1%82%D0%B8/

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!