По десет години нечепнати цени за паркирање, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, реши да ги зголеми паркинг услугите во Скопје на паркиралиштата со кои стопанисува нивната ќерка-фирма – ,,Градски паркинг”. Ова претпријатие е и најпрофитабилно и не генерирало трошоци во изминатите десет години. Напротив, приходите од паркирање и од Пајак-службата постојано растат, а и профитот, согласно годишните извештаи – околу 150 милиони денари на годишно ниво (2,5 милиони евра).
Одлуката ја изгласало мнозинството на СДСМ во Советот на Скопје.

Со новата Одлука, цените се покачени за 10 отсто. Односно, зонско паркирање во ,,Зона А” ќе биде 50 денари (досега 45 денари), во ,,Зона Б” – 40 денари (досега 35), а во зоните Ц и Д – 30 денари, наспроти сегашните 25 денари.
Шокантно е зголемувањето за 100 отсто на месечните билети за вработени во правни субјекти кои гравитираат кон јавни паркиралишта, од 1.000 на 2.000 денари.
Во образложението на Одлуката пишува дека зголемените цени се поради нови трошоци за одржување на паркиралиштата и катните гаражи – струја, вода, сервисирање на лифтови и друга опрема.

Со свој став се јави и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со оваа Одлука, Шилегов покажал дека нема слух за жителите на Скопје.
– Немаат слух за кризната состојба, економската нестабилност, сиромаштијата, немаат слух за огромниот број на граѓани кои секојдневно се борат со вирусот и мака мачат како да издржат со паричните средства од месец за месец. Зар во декември и прогласена кризна состојба се носи ваква одлука? Во услови кога послабо се користи автобуски превоз, неможност за возење велосипеди и тротинети, во услови кога се брза да се завршат секојдневни
активности по аптеки, лаборатории, амбуланти, поликлиники и клиники, во услови кога зрак чист воздух го земаш на Водно за време на викенд да плаќаш поскап паркинг – информираше на прес-конференција, советничката Светлана Колариќ.
На Шилегов му порача дека со удирање по џебот на граѓаните – удира со глава в ѕид.
– Зар ова беше животот кој го ветивте за сите? Зар поскапи сметки за вода, струја, паркинг значат живот! Зар поскапување на месечен паркинг билет од 1.000 денари стара цена на 2.000 денари нова цена живот значат за вас? Зар ова беше договорот со Филипче кога им ветивте на здравствените работници бесплатен паркинг на Клинички центар? Вие со вашите политики сте еднакви на непознатиот непријател Ковид-19. Вие со вашите небулозни политики ги уништивте граѓаните на Градот Скопје – рече Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ, со заклучок дека ,, граѓаните никогаш нема да заборават”.
[ФОТО: ГРАД СКОПЈЕ]
🔴 ПРОЧИТАЈТЕ ЗА ШТО ПОТРОШИ ГРАД СКОПЈЕ 200.000 ЕВРА, БЕЗ ПРОСЛАВА ЗА НОВА ГОДИНА:
https://joci.mk/2020/12/08/%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%B1%D0%B5%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D1%82%D1%80%D0%BE%D1%88%D0%B5%D0%BD%D0%B8-200-000-%D0%B5%D0%B2%D1%80%D0%B0-%D1%9C%D0%B5-%D0%BD%D0%B8-%D0%BF%D0%B5%D0%B5-%D0%B1/
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]