Четиво за Бадник: Деца, бегајте од оваа земја – сè лудак до лудак!

,,Деца, кога ќе ви зајакнат крилјата, бегајте од оваа средина, без обѕир….погледнете, сè лудак до лудак” (Љубиша Самарџиќ, ,,Три карти за Холивуд”)

Пишува: 🎬 Јорданка Ивановска – Јоци

Отидов денеска за Бадник во ,,Свети Јован”. Не сум религиозна, од дете немам никаков однос кон свети, духовни нешта. Но, ете – еднаш во годината одам за некој празник. Имам многу едноставен однос кон животот и смртта – или си жив или не си. Или грешиш душа или не. А, додека си жив – живеј, потоа – нема ништо. Светлото се гаси.

Ме праќа мајка ми до црква со цел список на починати од наша потесна и поширока фамилија и секако на тој список се и живите – ,,ќе купиш толку и толку свеќи…од 2 денари. Кажувај ги нашите по ред, како што одат по фамилија, а кажи ги и живите. Разбираш? Значи мора да кажеш на глас, не само да запалиш свеќа, ме разбра?“.

Мајка ми знае јас не паметам, она кое не сакам да го паметам. Просто никогаш не разбра зошто тоа е така, зошто не се заморувам со тривии и протоколи. И поради тоа се нервира што понекогаш ми повторува работи на глас, по неколку пати, со акцент на – ,,ме разбра ли?”.

Додека возев, видов едно исплашено куче како бегаше од возила. Потоа се качи по тревникот кон ,,Свети Јован” и кога се паркирав веќе беше таму. Имав кучешка храна во колата, го викнав.
Две деца, девојче од 10 години и момче од 8 години, кои просеа на скалилата кон црквата се израдуваа – ,,Кууц…кууц…ела, да јадеш“, го викаа и тие. Дојде, но со страв.
Имаше минѓуша на увото, бездомно, обележано. Им објаснив на децата, тие не разбираа како ,,од око” знам дека кучето нема дом. Девојчето ме праша – ,,А, како знаеш дека е бездомно, каде тоа се гледа? А, зошто му ставиле тоа на увото?”. Многу прашања.

Момчето се надоврза – ,,Ама, па, земи го дома”.
Додека кучето јадеше по малку, децата ми рекоа – ,,Ќе ни дадеш малку од храната, имаме и ние мачка?”. Им дадов во една кеса.
Им реков ќе се вратам да ги поздравам.

Се качив кај црквата, застанав да купам свеќи. Разгледав, немаше од 2 денари.
Немате од 2 денари?– го прашав продавачот.
Нема такво нешто. Имаме од 5,10,15…не продаваме веќе десет години такви од 2 денари – ми одбруси со чуден тон.

А, добро се сеќавам дека ако не лани, сигурно преклани имаше од 2 денари. Истиве овие кои сега се 5 денари. Мајка ми се изнервира: ,,Што не му кажа на тој дека лаже”.
Лоповска држава, тоа е! Ако може и од умрени – и од нив некој ќе заработи без око да му трепне.

Се симнав по скалилата и им реков на децата да не седат на студено, да стават картони. Ставија.
Од кај сте, деца, вие? –  ги прашав.
Ние сме бездомни, како кучето. Од Збегов –  одговори девојчето, а јас се чудев. Не разбирав кое е тоа место.
Помалото братче се насмевна и ја надополни – ,,Од Визбегово сме, таму има камп“.
Ги прашав дали е чисто, двајцата ми одговорија ,,не” и направија тажни ликови.
Некако останав без прашања. Просто не знаев што да им кажам на тие кутри деца. Само им реков пред да влезам во кола – ,,Деца, бегајте од тука, од оваа земја, што побрзо. Послушајте ме“.
А, девојчето, на ова немоќно искоментира – ,,Ама, законите не ни даваат“.
Ги поздравив – ,,Ќе најдете вие начин, ќе морате. Тука нема живот. Бегајте“.

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!