РЕТРО СКОПЈЕ: Плоштадот го красеа Панта, Кенан и кучката Бистра

Дуќаните за бојосување кожа, ,,Панта” и ,,Кенан”, кои беа еден до друг 40 години на главниот плоштад, беа ,,последните мохиканци” кои скопјани ги потсетуваа на едно друго време и град.
Дуќанот на мајстор Панта постоеше сè до пред некои 20 години, кога тој се исели во Австралија. Неговиот дуќан беше продаден, урнат, а на негово место потоа се изгради сендвичарница.
Кенан пак работеше до 2004 година, кога поради обнова на плоштадот, тогашниот градоначалник Ристо Пенов го премести дуќанот кај новата железничка станица. Стариот Кенан беше починат уште во 1982 година, а го наследи син му Џулџеман.

Двата дуќани на плоштадот биле поставени во 50-те години од минатиот век. Се наоѓаа на улицата Орце Николов, која е крак на плоштадот. Нивна основна дејност беше бојосување кожа: чевли, јакни, здолништа, кожена галантерија. Поради нив двајца, целата улица ја ,,параше” силен мирис на боја.
Пред земјотресот, на улицата, се наоѓале и други објекти и дуќани-згради како палатата викана ,,Мацура”, но и куклениот театар, аптека, бурекџилница, лимонадџилница…

Дуќанот на Панта отпрвин се наоѓал од другата страна на улицата, наспроти театарот.  По земјотресот, дуќанот е поставен на местото на ,,Мацура”, која била оштетена и подоцна урната.
Кенан остана на своето старо место. Самиот кажуваше дека неговиот дуќан ја преживеал и поплавата и земјотресот. Ете, Пенов – не го ,,преживеа”.

Додека постоеја мајсторите Кенан и Панта, потсетуваа на старото корзо кое почнувало кај нивните дуќани. Таму се договарале состаноци, се склучувале познанства, пријателства, бракови, немало игла каде да се фрли.

И приказната за Панта и Кенан не би била потполна без кучката Бистра. На неа плоштадот 15 години и` беше дом. Ја донел мајстор Панта и таа лежеше пред неговиот дуќан. Откако тој замина за Австралија, таа остана да го чека. Ја хранеше Кенан и околните дуќанџии. Пред 20 години ја оперираа и од рак на матката. Потоа и Кенан го дислоцираа.
Потоа повеќе не ја гледав. Можеби и таа си го изживеа векот, идентично како и плоштадот со старите коцки, кои, ги отстрани Пенов. Тој скопски градоначалник ги исече и костените, му пречеле на човекот. Ги исече и стогодишните дрвја на Кејот, му биле искривени. А, конкретно околу костените, како што самиот бледо аргументираше пред две децении – имало многу чавки кои се собирале на нив и го бербателе плоштадот.

🚫 Текстот е авторски труд. Забрането е копирање за комерцијални цели без дозвола од авторот. Секое копирање е кражба и ќе подлежи на Законот за авторски права. Дозволено е споделување на социјални мрежи, за некомерцијални цели

🔴 ПРОЧИТАЈТЕ ДРУГО:

https://joci.mk/2021/01/06/%D0%B4%D0%B5%D1%86%D0%B0-%D0%B1%D0%B5%D0%B3%D0%B0%D1%98%D1%82%D0%B5-%D0%BE%D0%B4-%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D0%B0-%D0%B7%D0%B5%D0%BC%D1%98%D0%B0-%D1%81e-%D0%BB%D1%83%D0%B4%D0%B0%D0%BA-%D0%B4%D0%BE-%D0%BB/

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!