Колишевски, Нивици, Дејвид Боуви, Црешово топче меѓу 570 предлози на Град Скопје за улици

Градската власт, за следната седница на Советот на Скопје доставила за разгледување и гласање нови 570 имиња на улици, мостови, плоштади и други инфраструктурни објекти во метрополата. Листата ја крстиле ,,дополнување” од која може да се црпат предлози во иднина.

Некои од предложените имиња се поранешни називи на улици, кои, минатата градска гарнитура ги смени – Ленинова (сегашна Аминта Трети), Бихаќска (сегашна Павел Шатев) Мексичка, Водњанска (сегашна Мајка Тереза), Првомајска (сегашна Борис Трајковски), Иво Рибар Лола (сегашна Теодосиј Гологанов), Владимир Комаров, Салвадор Аљенде (сегашна Тодор Александров)

Нема објаснување во Предлог-Одлуката дали и колку од имињата од предлозите веднаш по гласањето ќе стапат на сила, во кои населби и дали ќе има нови преименувања.

Станува збор за голема бројка на предлог-имиња за дополна на регистарот со личности од областа на градското, националното, светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, топоними на градови во земјата и регионот и други имиња. Опфатени се и значајни личности од македонските етнички групи, но и личности или топоними од нашите соседни држави.

Некои од предлозите се светски и домашни музички ѕвезди како Дејвид Боуви, Френк Запа, Леб и Сол, Мизар, но има и политичари како Лазар Колишевски и Томислав Чокревски (министер за внатрешни работи и професор).
Паѓа в очи името Нивици, каде беше потпишан Преспанскиот договор.

Наведен е и славниот ,,Грк Зорба” Јоргос Зорба, Кензо Танге, потоа Зорле во Нерези, Живко Поповски, Благоја Георгиевски – Буштур, Лилјана Дирјан, Сашко Гешовски (првиот загинат војник од ЈНА од Македонија при распадот на СФРЈ), како и Бошко и Адмира (сараевските Ромео и Јулија кои загинаа на улица од снајпери).

Има други предлог – имиња како ,,Весела улица”, Ниче, Артур Кларк, Небојша Глоговац, Црешово топче, но и Енвер Малиќи (прерано починатиот заменик градоначалник на Скопје во мандатот на Петре Шилегов).

Околу паркови, се предлага ,,Ислахана парк” (старото име на првиот дел од Градски парк), Парк на Горанци, како и ,,Безвременски парк” (не е наведено за кои точно паркови се мисли во последните два случаи).

Новата листа е составена според онлајн анкета која надлежните од Град Скопје ја спровеле во 2019-та година.

🔴 ПРОЧИТАЈТЕ ДРУГО:

https://joci.mk/2021/02/14/%D0%B3%D0%B0%D0%BB%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%9C-%D0%BE%D1%82%D0%B8%D0%B4%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BA%D0%B8%D0%B1%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%80/

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!