САД најверојатно ќе ја прошират ,,црната листа” со актуелни функционери за кои постои сомнеж за кривични дела

Не е исклучено на „црната листа на САД“ да се најдат актуелни функционери, информираше денеска премиерот Димитар Ковачевски. Од власта не откриваат детали, освен дека за тројца функционери постои основано сомнение за злоупотреба на службена должност, но првите луѓе во државата одбиваат да ги соопштат нивните имиња.

Премиерот Ковачевски околу „црната листа” не сакаше да открие детали, затоа што како што вели, не се сретнал со истражителите од САД, па немал повеќе информации.

На овие изјави им претходеше посета на тим на американски истражители за санкции од Вашингтон. Претседателот Стево Пендаровски рече дека неодамнешната посета на тричлениот американски тим на земјава била токму заради собирање информации за ажурирање на „црната листа“, за која очекува да биде објавена во догледно време.

„Според моите информации тоа е утврдено и таа листа веројатно во некој догледен период ќе биде ажурирана и не би исклучил дека ќе има и актуелни функционери на неа“, изјави Пендаровски во интервју за Канал 5.

На новинарско прашање дали можеби станува збор за истите тројца функционери за кои зборуваше и вицепремиерката за добро владење Славица Грковска, Ковачевски кусо одговори.

„Не знам“, рече премиерот.

Грковска претходно во интервју за новинската агенција МИА изјави дека до сега иницирала три постапки поврзани со злоупотреба на службена должност.

„За две постои основано сомнение за поднесувањето кривична пријава, додека третиот случај е поднесен пред извесно време и станува збор за голем и обемен случај, поради што не очекувам до крајот на годината да има исход од страна на истражните органи,“ изјави Грковска.

Пред извесно време евроамбасадорот Дејвид Гир на два пати упати директна порака.

„Време е за акција. Зборови и изјави за добри намери не се ефикасни“, рече Гир.

ПРОЧИТАЈТЕ ДРУГО:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!