Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, денеска оствари средба со гледачка на телевизија, која во контактна емисија побарала средба со него со цел решавање на проблем со легализација на дива градба.
-Госпоѓа Христина е гледачот кој го повикав да дојде во мојот кабинет веднаш по завршувањето на емисијата во живо во која утрово гостував. Утрово бев гостин во студиото на телевизија Телма, каде што разговаравме за актуелните теми поврзани со локалната самоуправа и ЗЕЛС. Емисијата дава можност и за вклучување на граѓаните во живо со цел да се чуе нивниот глас и да се постават директни прашања до гостинот, во овој случај до мене.
Такво јавување беше и на госпоѓа Христина, која посочи дека веќе неколку години ѝ се привлекувал проблем со легализација – појасни градоначалникот.
Тој додава дека природата на неговата работа е проблемите да се решаваат веднаш, оние кои се решливи и да не се ставаат под тепих, па затоа уште веднаш, во текот на емисијата ја повикал граѓанката да дојде во општина и да го разгледаат нејзиниот предмет, да утврдат дали се работи за пропуст во документација или пак постои некоја правна пречка.
-Со госпоѓа Христина и службите на општината седнавме во мојот кабинет, а од страна на моите соработници беше констатирано дека предметот веднаш ќе биде детално разгледан со цел да се дојде до решение, повторувам – доколку не постои никаква правна пречка.
За потсетување, изминатата година ги решивме сите легализации за кои беше поднесена целосна документација и тоа на само една година од мојот мандат, иако во програмата ветив за две. За госпоѓа Христина и за сите мои сограѓани вратите на општината се секогаш отворени.
Времето на недопирливи заврши, како што завршува и времето на градоначалник, а потоа треба да се погледнеме повторно во очи и да останеме добри пријатели – вели Ѓеорѓиевски на својот ФБ профил.