Снимки, фотографии, аудио записи, транскрипти за бизнис и политичката елита, се дел од материјалите за кои Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека ги поседува и бара од шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал да го повика за да му ги предаде. Во новото писмо до јавноста, Јовановски-Боки 13 посочува дека бара да биде спроведен пред Ислам Абази, за кого наведува дека единствено му верува.
Вели дека располага со сознанија и докази за сторени кривични дела од високо профилни личности и бара без одложување да ги поднесе кривичните пријави и да ги предаде сите докази т.н ,,бомби” со кои располага во форма на аудио снимени разговори, транскрипти, остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи.
Писмото до Абази било испратено на 16 февруари, но тоа до денеска не е сторено, па Боки-13 и неговите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски писмото го испратија и до јавноста.
Одбраната апелира со внимание да се следи процесот, особено важно поради статусот и положбата на Бојан Јовановски, за кого апелираат дека по почнување на овој процес ќе биде изложен на интензивна тортура, притисоци и закани. Оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност, се вели во пропратното обраќање и на адвокатите.
Барањето на Јовановски испратено до Абази го пренесуваме во целост:
„Во месец јули 2020 година почнав со пријавување и поднесување на кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител од ОЈО-Скопје и требаше да продолжам со поднесување на пријавите, но до ден денешен не сум повикан, иако тоа го барав и по писмен пат до обвинителот Гаврил Ристовски да бидам повикан од негова страна. За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание. Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам веднаш и без одложување да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесонео од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави“, се вели во писмото на Јовановски испратено од затворот Идризово.