Шилегов се засекира за пијаните возачи, им нуди бесплатно такси до дома


Поради големиот број сообраќајни несреќи и евидентирани алкохолизирани возачи зад воланот, Град Скопје, ја поддржа кампањата ,,Ги возиме одговорните” на АМСМ и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Станува збор за кампања во која се вклучени 30 ресторани и такси компании за бесплатен превоз до дома по бурна ноќ.

Според градоначалникот Петре Шилегов, поддршката е со цел поголема безбедност на учесниците во сообраќајот во Скопје, како приоритет.

– Многу ме загрижуваат бројките на пијани возачи во Скопје. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки- рече Шилегов.

Резервација за бесплатен такси превоз може да се искористи преку www.restorani.mk. Со резервацијата, од кафеанџиите ќе добиете ваучер од 100 денари. (што е само дел од цената доколку живеете на растојание поголемо од два километри)

– Целта на оваа кампања е да ја зголемиме свеста кај граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол како не би со загрозиле ниту својот ниту животот на другите учесници во сообраќајот. Граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Јавниот превоз работи до доцна во ноќта, такси цените се релативно евтини во споредба со други градови, а сега нудиме и можност за бесплатно такси. Во вакви услови сметам дека овде веќе не може да се има никаква толеранција за возење под дејство на алкохол- истакна Шилегов.

На прес-конференцијата  присуствуваа и Ристо Манчев, секретар на Републички совет за безбедност во сообраќајот, Росана Јанков, портпарол во АМСМ и Ивица Пигуловски, претставник од проектот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!