Пура Пауновски или Џорџ Клуни од Али-експрес

,,Раскажувачката”

Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска

Испотена мишка, скап парфем и евтина музика се трите основни средства за добар провод у сабота навечер на секој просечен Македонец. Шопска, ракија, плескавица и пиво – башка, како екстра понуда.

Јас и моето друштво решивме да се приклучиме на просекот. Не дека секој викенд ,,свршуваме” на џез, ама па ни Аца Лукас не ни ги активира хормоните. А у кафана со раширени раце те дочекуваат сите рокери, џезери и клабери од фејс, со научени песни од Лепа Брена и Жељко Јоксимовиќ до последна нота. Розево кошулче како спешл ефект. А жениве со уште поатрактивна понуда – новогодишна елка пикната во коса и штикли на платформа ги комплетираат и ентериерот и атмосферата.

Шанкот дрвен – таман за дрва како мене и моите другари. Наливно за цело друштво. За да се налееме ко што е редот. За да може со леснотија да ја поднесеме неподносливоста на атмосферата. Споредбата со гобленот, коњи на поило, го доживеавме како комплимент, затоа што споредено со нашата состојба, гобленот спаѓаше во категорија на врвна уметничка инсталација. Лево од мене на шанк стои Џорџ Клуни од Али-експрес:

-Девојче што ќе пиеш од мене?
-Фала, набрзо си одам, доста ми беше пиење за вечерва.
-Ајде, ајде, земи уште една чаша вино од мене и ти и цело твое друштво. Инсистирам.
-Ајде, ок, ви благодарам.

Наздравуваме сите во знак на благодарност за почастената пијачка. Познавајќи го менталитетот на нашиов народ човек не знае дали е покултурно категорично да одбие или да прифати пијачка.
Продолжува:
-И сега може ли да се запознаеме?
-Фросина, драго ми е.
-Драго ми е и мене. Ама не мислев на такво запознавање. Мислев подобро да се запознаеме кај мене дома.
-Молам ?!
-Не мора да се молиш, можеш одма да дојдеш ако сакаш. – арогантно и одважно ми вика пувачов кој не заборави да напомене дека има фирма и дека е успешен бизнисмен од градов.
-Прифатив пијачка затоа што инсистиравте, не сакав да бидам некултурна, бидејќи после тоа вие мажите зборувате дека сме кучки кои не знаат ни пијачка да прифатат. Еве прифатив пијачка. Фала е се што може да добиеш од мене. Можеше и убав муабет да добиеш, ако знаеше како да пријдеш.

-Ако ти кажам дека имам куќа на Водно ќе прифатиш? -, дрско ми врти со клучевите од скапата кола, додека ја влече пурата со сета сила, како сцена од геј порнич каде што тој е невестата. Натегнува и од чашата полна со Џек Даниелс. За да испадне поголем мангуп му вика на шанкерот дека вискито не му е оригинал.

-Господине Пура Пауновски вискито е вистинско. Вие сте лажен-, си мислам во себе.

Пура Пауновски е уметничко име за потребите на колумнава. ,,Пура”, заради испушените пури и ,,Пауновски” заради неговата надуеност ко паун.
-Не. – кратко му одговарам.
-Ќе се каеш. Имам кеш. Јас сум успешен, амбициозен човек.
-Амбициозен сте, барем што се однесува до облините кои ги имате-, му велам, сакајќи да го навредам како тој мене со понудата за едновечерна дешавка.

Пробувајќи нешто да каже, ми ждригна у фаца.  Таквиот негов перформанс може да ги одврати и најетаблираните спонзоруши во градов. Јас, бледа, пред онесвестување од спектарот на ароми кои излегоа од неговата уста. Со еден потег ми испрезентира се што имал на мени од претходната недела.

Ждригањето го доживеа со гордост, како презентирање на машкоста, бидејќи задоволно се смееше. Толку беше полн со себе, што мислеше дека шири арома на лаванда, а не на мртов стаорец.
-Добиваш понуда што не се одбива, а ти си дрска и безобразна.  Со што се занимаваш?
-Со џудо и карате -, ладнокрвно му враќам, спремна во секој момент да го презентирам своето знаење, толку темелно, што ,,факеров” ќе требаше да вади нова лична карта.
Виде дека неговата ,,атрактивна” понуда нигде не помина:
-А, бе, вие сите сте исфрустрирани курви!

Ова е всушност тажна приказна. Сурова и поразителна. Многу ќе бев среќна да не морав да ја напишам. Ова е приказна за оние ликови кои мислат дека со пари може да купат љубов. Сиромашни богаташи кои се сами по избор. Но, не по сопствен избор.

Зошто место пари, не се понудите себе и своите емоции? Единствено што треба е да пријдете нормално. Но, тоа нормално стана недостижна амбиција. Зошто не се движите нагоре по онаа етичка, естетска и морална вертикала? Колку треба да си празен и евтин за да понудиш пари и сељачки фори, место емоции? Духовен волумен со димензии на зрно песок е тажен и поразителен податок.

Настаните се вистински, но ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински ликови е коинциденција. 

© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк. 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!