
Никола Саздовски, 20-годишно момче, дел од навивачката група ,,Комити”, претепан, со тешки повреди, е во кома на КАРИЛ во Клинички центар и се бори за живот.
Според неофицијални информации од клиниката, Саздовски, е во арефлексна кома и е во многу тешка состојба.
Од наши извори немилиот настан се случил пред неколку дена во населбата Автокоманда. Младото момче го пресретнале четворица непознати луѓе од возило, излегле од него и почнале крвнички да го тепаат. Освен повреди од шипки, кобен за Саздовски бил и падот на тротоар од ударите, по што се онесвестува.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека случајот е експресно расчистен.
-Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“. На 29.06.2018 година околу 17,30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“ пријавените физички го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клинички центар ,,Мајка Тереза“ Скопје. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот биле лишени од слобода и одредена им е мерка притвор-, се вели во соопштението.

Мотивот не е познат, но од блиски пријатели на Саздовски тој претходно добивал закани по неговиот живот, а во моментов добиваат и други навивачи од ,,Комити”.
Од шпекулации на социјални мрежи, нападот се поврзува со припадници на друга навивачка група.