
Со официјално соопштение до јавноста и со конкретни прашања до институциите, се огласи навивачката група ,,Комити”, чиј член, 20-годишниот Никола Саздовски, беше претепан на 29 јуни годинава и во моментов се` уште е на апарати, во кома, на клиниката КАРИЛ.
Саздовски, бил претепан од три лица на автобуска станица во Автокоманда-двајца од сторителите се во притвор, а еден е во бегство.
Според неофицијални информации, Саздовски, е претепан со шипки и прободен.
Во соопштението, јасно е изразен гневот и револтот на припадниците на ,,Комити”.
,,Нашите прашања до институциите, НВО-та(ако постојат уште такви), медиумите и граѓаните на оваа наша измачена земја, се:
1. Од кога тоа, дело, убиство во обид, кое се казнува со дваесет години затвор, се преобразува во дело насилство?
2. На кој начин дело сторено на 29.06. 2018 година, се објавува во полициски билтен на 02.07. 2018 , наместо следниот ден, како што е редот?
3. До кога ќе ги заштитувате милениците на ДУИ (шверцери) како бели мечки?”, се вели во објавата.
Прашуваат каде е правдата и прават паралела меѓу осудените за убиство во делото ,,Монструм”, каде на пет Македонци им беше одземен животот, а кои се слободни, наспроти луѓето што го нападнаа ,,Могли” од Струга (кој во интервјуа раскажувал дека македонскиот народ не постоел) и тие се затворени.
,,Прашуваме каде е тука правдата!?
Се сеќавате ли на Мартин Нешковски и реакцијата на тогашните ,,револуционери”!? Се сеќавате ли дека сето тоа беше за прикривање на дело!? Се сеќавате ли колку бевте гласни!? Тогаш глумевте за личен интерес и за полнење на вашиот џеб, а сега кога го нема тоа, скриени како глушец во дупка. Ние, кубурата и камата нема да ги криеме за црни денови, зошто се веќе дојдени”, потенцираат од навивачката група.
Нивните мисли, срце, душа и молитви се со Никола Саздовски и неговата фамилија, се вели на крајот од соопштението. И го молат повторно да дојде и запее, за Вардар и за Македонија.