Фрос, го гледаш девојчено ? Однеси и` пијачка и не кажувај дека е од мене

 

,,Раскажувачката”

Пишува: // Фросина Ѓорѓиоска

Понеделник, нешто после полноќ. Најразлични ликови, секој со својот универзум во себе, го полнат ноќниот клуб. И млади и стари. И мажи и жени. Пијани и трезни. Дојдени со иста цел. Да бидат шармирани од духот, топлината и специфичноста на неговиот карактер.

Дојдени да видат како жиците од неговата гитара неуморно танцуваат под неговите прсти. Повеќето девојчиња таму, сакаа да се на местото на тие жици, па по нивните тела да ја везе најубавата мелодија која може да ја произведе неговото срце.

Дојдени да уживаат во рокерскиот глас на Влатко Илиевски, малку рапав и груб, но топол и романтичен истовремено. Понеделничка магија, за магичен почеток на неделата. Ги топлеше срцата на сите кои доаѓаа да го слушаат и гледаат. Во зачадениот локал, каде се гасеа сите светла заради поубав амбиент, силно светеа двете неба под неговите веѓи. Неба полни со букет од ѕвезди. Ги топлеше срцата и на најстудените. Со песна и убав муабет топеше глечери во душата.

Скоро една година, секој понеделник свиреше во клубот каде што работев јас. Остануваше на крај со нас персоналот, кога сите веќе си беа заминати. Ќе испиевме со него уште по едно пиво додека чекавме шефот да не` раздужи со промет. Беше дел од нашата екипа. Често пати знаеше да ми рече:
-Фрос, го гледаш она девојчето онде? Однеси и` што пие и не и` кажувај дека е од мене, да не мисли дека и` се пуштам ко најголем сељак. Само однеси и` пијачка пошто е многу мила. Измисли нешто, само не кажувај дека е од мене-.
-Важи, бе Влатче, ќе и` однесам. Ама штом ти се свиѓа толку оди, напрај и` муабет.
-Не бе, нека пие, нека ужива. Ако и` пријдам и и` запраам маубет, можеби почастената пијачка ќе ја осети ко товар, а не сакам така-.

Тука, во ваквите мали работи се гледа големината на еден човек. Емпатија зрачеше од секоја негова пора, од секоја воздишка додека пееше. Кај може уметник да не е чувствителен.

Една вечер, имаа резервација некои пријатели на Влатко. Тој им резевираше. Луѓето се забавуваа на неговата музика, се веселеа, запиени. Негде при крај ми побараа сметка. Им ја носам. Сумата беше 3.500 денари. Ја однесов сметката и отидов да однесам нарачка на друга маса. Во меѓувреме оставиле пари за сметката на коњопојот и си заминале. Ги бројам парите. Фалат 500 денари. Не обвинувам, запиени беа, а не беа редовни гости. Го прашав Влатче:
-Среќо, а бе, твоиве другари ми останаа кратки 500 денари од сметката. Тоа ми е скоро цела дневница. Запиени беа, ќе можеш ли да му кажеш на тој што нарачуваше, па нека помине деновиве нека донесе, бидејќи вечерва ќе треба дневницата моја да ја оставам за него. Џабе работа цела вечер-.

Му дојде непријатно, почувствува грижа на совест, ко тој да го напраил минусот.
-Се` е ок, значи, не си ти крив, ова се случува често во оваа работа. – му реков.
-Ќе му кажам, ќе му се јавам, само нека се расчисти гужвава, пошто не се слуша ништо на телефон-.

Гужвата се расчисти, останавме само ние персоналот и Влатче кој само што го зема својот хонорар за таа вечер и тргна да си оди.

Замина. Само што излезе, отидов да ја заклучам вратата за да не улета некој пијан во пет сабајле, бидејќи веќе бевме затворени. На коњопојот каде што стоеја неговите другари кои ми останаа должни, под двете празни флаши пиво, здогледав 500 денари. Знаев дека ги оставил Влатко.
Наредниот понеделник го прашав зошто ги остави парите кога немаше потреба туѓ минус да покрива. Се насмеа и ми рече:
-А, бе, не сум јас. Не знам кој е-.
-Лошо лажеш другар. – му реков.

Се насмеа повторно и тука заврши муабетот на таа тема.
Денеска разбрав дека заминал. Зошто ?Зошто ? Зошто ? Но, на моето зошто, овој пат нема затоа. Сега сигурно пее со ангелите. Од сега и небото ќе е посино заради неговите очи. Ноќна и неуморна птицо, одмори си ја душата на кревет од облаци со вкус на ванила, меки и нежни како твојата насмевка.

Луѓе, сакајте се, бидејќи за кратко сме овде !!!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!