,,ГО САКАМ ВОДНО” : Шумата се сече на диво за гасовод, без дозвола од Град Скопје


Да се сопрат градежните активности за гасовод на сртот на Водно и да се изработи нова Студија за влијанието врз животната средина врз заштитеното подрачје на шумата, побараа денеска активистите од граѓанската иницијатива ,,Го сакам Водно”.
Острата реакцијата доаѓа по неисполнетото ветување од Владата дека ќе ја преместат трасата за гасовод и нема да ја уништат и исечат шумата. Наспроти таквите очекувања, деновиве, како што информираа, забележани се нови градежни активности на старата траса.

-Без официјална одлука на Влада, без одобрение од Град Скопје, со долга листа на неправилности во целата постапка за градење на оваа делница на гасводот, во издавање на одобрението за градење, деновиве багерите по неколку месечна пауза продолжиле на терен да рамнат и го кршат сртот! Државава вака мисли да продолжи да работи? На овој начин?!
Багерите работеле деновиве, по старото сценарио, кое години наназад добро се установи, во ек на летни одмори удри и гради против граѓанскиот став кој аргументирано бара градење надвор од Водно! – , информираа од граѓанската иницијатива.

Според активистите, Водно се уништува нелегално. И не се во прашање 10 метри во ширина на нова траса, како што на претходната средба тврдел вицепремиерот Кочо Анѓушев, напротив 25 метри на старата траса.

Повторно запрашаа како е воопшто издадена градежна дозвола, без потпишано одобрение од Град Скопје, во чија надлежност е парк шумата. Ги повикаа институциите да реагираат и да спречат понатамошен масакар на Водно: премиерот Зоран Заев, Мирослав Богдановски од Инспекторат на град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Министерство за транспорт и врски Влада на Република Македонија.

-Листата на аргументи ПРОТИВ трасата на гасоводот да оди низ парк шума Водно е толку долга, да секој правен систем би го запрел процесот!
АД Македонски енергетски ресурси (МЕР) има обезбедено 53 документи, но нема дозвола за работа во заштитено подрачје, односно за сечење на Парк-шумата „Водно“. Студијата со оценка за влијaнието на животната средина, која е одобрена од ресорното министерство не е направена за заштитени подрачја, а со тоа, не е земена во предвид количината на шумски предел кој ќе биде оштетен и кој вид на дрва -,  појаснија од граѓанската инцијатива „Го сакам Водно“ и побараа сегашната Студија да биде поништена, а до изработка на нова работите да бидат стопирани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!