Форум за демократска Македонија: Скандалите го нагризуваат кредибилитетот и довербата на Владата

Форумот за демократска Македонија (ФДМ),  заедница на иселеници од Македонија, го искажува своето незадоволство од подготвеноста на институциите на системот да се ангажираат во борба против корупцијата и злоупотребата на моќ.

Како што велат од ФДМ, најновиот случај на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, покажа дека речиси по рефлекс и како по навика тенденциите на обиди за закривање или извртување на одговорноста продолжуваат.

-Под притисок на јавноста се случи барањето за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност. Иако позитивен исчекор, ова е далеку од доволно за одлучна борба против корупцијата, бидејќи се сведува на политичка, а исклучува дисциплинска и кривична одговорност-, се вели во нивното соопштение до јавноста.

Додаваат, наместо државните институции да ги спречат или детектираат пропустите, таа улога и натаму ја презема јавноста со секојдневно лоцирање на неправилностите како што е случајот со тендерите или пак доделувањето средства од разните фондови. Последен пример е случајот со субвенциите за иновации.

Искажуваат жалење што реформите во правосудството доцнат и посочуваат дека ФДМ, кој, произлезе од граѓанските движења меѓу иселениците, кои се бореа за владеење на правото, се залага за промена, а не за замена.

-Сето ова укажува дека механизмите за спречување и откривање на корупција во државната администрација се или несоодветни или не се спроведуваат доследно. Владата мора сеопфатно да се бори со корупцијата, а не само преку поништени тендери и разрешувања. Овој пристап праќа порака за висока исплатливост и мала веројатност за одговорност-, потенцираат од ФДМ.

Според иселениците, кои се дел од Форумот, сите овие скандали, поврзани со сомнеж за корупција и злоупотреба на службената положба, се повеќе го нагризуваат кредибилитетот на Владата и довербата во нејзините реформски капацитети.
Како што од граѓаните се очекува болен компромис заради евроатлантската интеграција и отворање на перспективите за развој на државата, така и политичките елити, а пред се власта, треба непоколебливо да покажат европско поведение преку одлучни реформи и активности за нулта толеранција на корупцијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!