
,,Раскажувачката”
Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска
Јас и мајка ми со приоритетен упат во една скопска болница, на ехо за абдомен, поради напад на жолчка. Во чекалната гужва ко во шопинг центар во Кина. Во ходничето каде нема ни клима, ниту пак прозор, чекаат 52 – ца (ги броев) пациенти. Логорите на Хитлер изгледаа како цветна градина во споредба со хороров. Овде може да преживеат само тие со најголем капацитет на белите дробови и оние со најдебели нерви.
Ок, јас не спаѓам у вториве, тоа сигурно сте го забележале уште во претходните колумни. До мене едвај стои една бабичка со бастун, која не знае ни дали е за овде и нема кого да праша. Пред мене средовечна жена која имала закажано преку ,,Мој термин” за во 10 часот. Гледам на саат. Саатот покажува 12. Друг чичко објаснува дека од 9 часот е тука и дека уште никој не го прима, а има термин од 9 и 30. Им велам зошто никој не се буни за овој неред? Ми рекоа дека има една сестра која на секое излегување од ординација им се дере.
И` велам на мајка ми дека морам до тоалет, а ако во меѓувреме излезе сестрата, да ја праша дали треба да чекаме прво да заврши со луѓево што се закажани, бидејќи ако е така, да излеземе малце надвор на воздух. Се враќам од тоалет и забележувам како психо – чудовиштето наречено “сестра во државна здравствена институција” и` се дере од петни жили на мајка ми и и` ја фрла книшката со упатот у фаца. Готово, си велам у памет, те уништив сеа. Мајка ми, ми вели да не се расправам. Ок, се смирив. Пет минути подоцна излегува пак истото чудовиште со црвена натапирана коса која и` допираше скоро до таван, 45 килограми сосе мантилот и наочарите, зелена сенка, розево карминче и бркчиња испод пудрата. Ама бркови и лошотилук не се кријат со пудра. Возраст негде околу педесетина години. Климактикус лудакитус – латински термин за овој вид на суштества кои егзистираат на планетава. Од секоја брчка на лицето и` излегуваше фрустрација и лошотилук и незадоволство од сопствениот живот. Па, од две педи човече излегуваше еден глас на чии октави може и Павароти да и` позавиди ако беше жив.
Само што излезе, жената која чекаше 2 саати ја праша до кога ќе чека на веќе закажан термин. Оваа почна и на неа да се дере, да и` вика дека ќе ја примат тогаш кога ќе можат и да не ја замараат веќе со глупави прашања. Бабичката која не знаеше за каде е и го подава упатот и ја прашува каде да чека.
-Ма, не ме интересира за кај си. Ти ако не знаеш за кај си, јас ли ќе ти кажувам , – и` го фрла упатот. Јас напиздена – левел Фреди Кругер и Ханибал Лектор. После 10 минути излегува пак. Јас веќе спремна со телефон да ја снимам. Уклучувам камера. Оваа не приметува. Застанувам пред неа и културно ја прашувам:
-Ако може да ми кажете ние со приоритетен дали треба да чекаме на кр…
Климактикус лудакитус ме прекинува:
-Доста со вакви глупи прашања, ќе бидете сите прегледани. Кога, не можам да ви кажам. Што ако чекате од сабајле. Штом имате мака ќе чекате.
Ок. Снимката е направена. Ама, јас не би била јас, ако не се заебам сама. Телефонот незаклучен у џеб, стискање несакајќи и пуштање снимката на најјако, да ечи низ ходник. Две минути подоцна ја викаат мајка ми на преглед. Ми падна сомнително. Климактикус лудакитус ми вели и јас да влезам. Знаев зошто.
-Ајде сега ти, пред да ти викнам обезбедување да ми кажеш со кое право ме снимаш? Кривична ќе ти стегнам, – почиња да вика, да се тресе од нервоза и да врти кругови околу нејзиното столче.
-Со истото право со кое вие ги малтретирате пациентите, им се дерете и ги третирате како стока. Со истото право те снимам со кое ти на мајка ми у лице и` ја фрли книшката. И сегде ќе те објавам.
-Ќе го јадеш, кривична ќе ти стегнам, ти со мене ќе се расправаш, сеа директорот ќе го викнам.
-Викни кој сакаш. Слабост ми се директори. Особено оние кои ние граѓаните ги носиме на наш грб, а повеќето од нив ништо не работат.
Влегува директорот, демек мене авторитетот и титулата ќе ме уплашат. Поише влакна имаше у носот и у ушите него на главата. Од стомакот гарант не може да си го види. Прав примерок за директор на абдомен. Која иронија.
-И сега девојко што праиме со твоево непримерно однесување? Ова не е легално. Немаш право да ја снимаш и да ја малтретираш мојата вработена. Кривична ќе добиеш.
-Вака сеа, пред да му се јавам јас на мојот адвокат, па тој да ви каже која е вашата должност и пред да го тужам цел ваш оддел за несовесно работење и психичко малтретирање на пациентите, јас ќе ви кажам дека да беше се` во ред со снимките кои ги направив и на нив да немаше доказ дека не си ја вршите работата, немаше сега да сте толку уплашени. Јас кривична за снимката можам да јадам. Вие можете да платите со вашето работно место и одземање на дозволата за работа, штитејќи ја вашата вработена која работи несовесно. Јас и уште 2 милиони граѓани не плаќаме здравствено осигурување за да ми го фрлате упатот у лице. Од нас земате плата. Не плаќаме осигурување за да бидеме третирани како стока додека вие пиете кафиња по ординации. Еве ги упатите на луѓево, чекаат 3 саати и уште не се примени, со уредно закажан мој термин. Покрај снимката, упативе се легален доказ за вашето неработење и има сведоци плус за однесувањето на сестрата. Се друго што треба да знаеш, ќе го дознаеш од мојот адвокат. Затоа не се обидувајте да ме уплашите. Мојата нелегална снимка е реакција на вашето нелегално однесување. Ако беше се` во ред, зошто би ве снимала?
Директорчево малце ко запрепастено изгледаше од мојата реакција, бидејќи не очекуваше покажување заби од девојче со ранче на грбот, фризурче со две плетенчиња и невин angel face. Ама така жестоко ја бранеше сестрава, ко да ја ебе коа се дежурни. Што може маж за п**** да напраи, тоа е чудо.
Во меѓувреме Климактикус ми викна обезбедување, тресејќи се цела од нервоза. Додека дојде обезбедувањето јас и мајка ми излеговме од ординација. Си пројдоа обезбедувачите покрај нас, пошто од кај да знаат кого треба да задржат у таа гужва. Судејќи според габаритноста, брзината и посветеноста на работата, обезбедувачите може едино да обезбедат хамбургер од сендвичара. Се качивме у лифт со мајка ми и си заминавме.
Луѓе, немојте да молчите пред неправдите кои ви ги нанесуваат одредени ликови, криејќи се зад државните институции. Јас ја разбирам и нивната фрустрација заради ниските примања, но граѓаните за тоа не се ништо виновни. Ние граѓаните уредно си плаќаме осигурување и од државните установи кои се на наш грб очекувам професионален, коректен и човечки однос. Ако не го добијам тоа за кое плаќам, имам потполно право да се бунтувам. И оди спречи ме ако можеш. Бев спремна и со ТВ екипа да им дојдам. Доста беше ,,наведната глава сабја не ја сече”. Главите горе исправени и не калкулирајте со правдата, ако сте сигурни дека е на ваша страна.
Сите права се задржани. Забрането е копирање и кражба на авторски труд. Дозволено е споделување со оригиналниот линк на социјални мрежи.
Настаните се измислени, а и ликовите. Секое преклопување со вистински ликови е случајно.