
Откако телевизија Телма децидно, со одлука, им забрани на своите новинари да изразуваат политички ставови на социјални мрежи без одобрение од уредувачки колегиум, се огласи и новинарскиот синдикат. ССНМ бара од ТВ ТЕЛМА да ја повлече одлуката веднаш и да формулира правилник на однесување на социјалните медиуми, што е востановена пракса во медиумите во светот.

ССНМ во реакцијата му се обраќа и на одговорниот уредник Атанас Кировски-бараат од него да ја повлече наредбата за забрана на изразување мислења и ставови на социјалните мрежи на новинарите вработени во редакцијата објавена на огласната табла на медиумот.
,,ССНМ смета дека содржината и тонот на наредбата се особено навредливи и понижувачки, не само за новинарите во ТВ ТЕЛМА, туку и за имиџот на самата куќа и нејзиното раководство. Однесувањето на новинарите на социјалните мрежи не може и не смее да се ограничува, исто како што не може и не смее да има разлика меѓу нивниот професионален и приватен систем на вредности”, се вели во соопштението до јавноста.
Од Синдикатот додаваат дека наредбата не е прашање на наредби и санкции, туку прашање на фундаменталниот интегритет на новинарот и прашање на внатрешен дијалог и доверба во редакцијата која пак, својот интегритет го црпи токму од новинарите и нејзините уредници.
,,Со неразбирањето на ова и истакнувањето на еднонасочно срочена забрана со најава за санкции, менаџментот на ТВ ТЕЛМА покажува елементарно непочитување на прашањето за општествена одговорност, не само на новинарите, туку и на медиумите и не може поинаку да се толкува, освен како израз на своеволие што оди во насока на попречување на слободата на мислење и говор, темелни права на човекот, на што ССНМ никогаш нема да се согласи”, велат од ССНМ, со став дека ваков тип на наредби имало и претходно во медиумите, само не биле напишани, туку се подразбирале.
Изразуваат оптимизам дека Сепак овој тип на забрани, напишани или ненапишани, кога се новинари во прашање – не функционира.