Пилот-програмата за сексуално образование во основните училишта се очекува да почне следната 2020 година. Според неодамнешната владина одлука, предметот ќе се воведе најпрво во четири училишта – две во урбана и две во рурална средина. Предметот ќе се изучува во 8.и 9. одделение.
Од ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, ја поздравија оваа политичка одлука и порачаа дека очекуваат од Владата и соодветни буџетски средства за нејзина ефикасна реализација.
Од ХЕРА ги презентираа и резултатите од спроведеното телефонско истражување за ставовите и мислењата на родителите за воведување наставни содржини за сексуално образование. Анкетата е спроведена на примерок од 800 родители/старатели.
Висок процент од родителите, кој се движи меѓу 82% и 96%, се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование.
Етничката припадност нема значајно влијание за воведување на содржини за сексуално образование. Имено, кај родителите од македонска етничка припадност прифаќањето за изучување на сите теми од сексуалното образование се движи меѓу 90% – 97%, додека кај родителите Албанци меѓу 81% – 95%.

Најголема согласност (95%) постои за теми поврзана со (1) Заштита од насилство врз жените, сексуалното насилство и насилството на социјалните мрежи, (2) Услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, (3) Заштита од несакана бременост, (4) Механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, (5) Промени во пубертетот. Иако е со висок процент (82%), сепак најмала согласност од понудените теми родителите покажуваат за значењето и давање на согласност на партнерот/ката при влегување во сексуален однос, особено првиот.
,,Наодите од истражувањето и одлуката на Владата за пилотирање на програма за сексуално образование во основните училишта се само уште еден доказ за подготвеноста и на креаторите на политиките и на родителите за конечно воведување на сексуалното образование во наставата.”, велат од ХЕРА.
Мажите во Македонија треба да ја издржуваат фамилијата
Родителите сè уште во значителна мера (меѓу 34% – 36%), ги поддржуваат традиционалните улоги на мажите и жените во општеството, а за повеќе од половината (59%) хомосексуалноста сè уште не е општествено прифатлива.
Дури 43% сметаат дека мажот треба финансиски да ја издржува фамилијата.
Со оваа изјава значително повеќе се согласуваат мажите (43 %) отколку жените (27 %).
А на прашањето ,,На девојчињата не им доликува да мастурбураат”, испитаниците од руралните места на живеење (40 %) во
значително поголем број се согласуваат со оваа изјава од оние од урбаните (33 %), како и испитаниците Албанци (47 %) споредено со Македонците (34 %).
Ова укажува дека прашањата поврзани со различностите, сексуалната ориентација и родовата еднаквост, односно прашања кои се изучуваат во рамки на темите за (1) Граѓански аспекти и (2) Род, треба да бидат прилагодени за возраста со цел градење на позитивни вредности во однос на сексуалните идентитети и еднаквоста на жените и мажите, но и намалување на стигмата и дискриминацијата кон одредени групи на граѓани во општеството.
Што ќе се изучува по предметот ,,Сексуално образование”
Согласно препораките на УНЕСКО, моделот на сеопфатно сексуално образование ги вклучува следниве теми кои треба да бидат изучувани во образовниот систем, а адаптирани на возраста и потребите на децата: (1) Род, (2) Врски и односи, (3) Тело и слика за своето тело, (4) Сексуално и репродуктивно здравје, (5) Сексуалност, (6) Насилство и (7) Граѓански аспекти.
[facebook]