Изградена е нова велосипедска и пешачка патека пред објектот на главната Пошта во центарот на градот, информираа градските власти.
Поставени се и клупи и канти за отпадоци, како и жардиниери со ниско украсно зеленило со сопствен систем за наводнување.

Велосипедската и пешачката патека се издвоени со жардиниера.
– Градот Скопје преку „Паркови и зеленило“ и другите јавни претпријатија работи на ослободување на јавниот простор за потребите на пешаците и на велосипедистите, но и на уредување на зеленилото во нашиот град. Се наоѓаме на место каде што минатата година засадивме 16 јавори со систем капка по капка за да ги заштитиме овие дрвја. Оваа година ја изработивме оваа прекрасна жардиниера која ќе го одвојува движењето на пешаците и велосипедистите од преостанатиот сообраќај, а движењето на овој дел ќе го направи попријатно и за едните и за другите – појаснија надлежните.

Плочките со обележани паркинг-места се оставени, со цел граѓаните да ја видат и да ја сфатат разликата од минатото и сега.
Локацијата претходно беше паркиралиште.
-Истата слика ја имаме овде во близина, наспроти Соборната црква и во делот кај „Тинекс“, каде што беше паркиралиште. Ни останува потегот кај Градски ѕид, кој што во наредниот период ќе го ослободиме од возила и ќе го уредиме во сличен стил – рече градоначалникот Петре. Шилегов.
Тој додаде дека Градот Скопје го стимулира алтернативниот начин на транспорт на граѓаните – велосипедизмот, пешачењето и електричните тротинети.
Во тој дух, годинава, во рамки на проектот ,,Микро 20″, ќе се уредат 20 микро локации во градот.
[facebook]