
Пишува: // Јорданка Ивановска – Јоци
Бојан Јовановски- Боки, за време на денешното судење, и` замерил на обвинителката Вилма Русковска што во воведното излагање за ,,Рекет” го нарекла – самонаречен естраден уметник.
Кратко изјавил дека на тој нејзин, цитат – ,,брутален настап”, нема сила да и` одговори и да се одбрани соодветно.
Ми остави впечаток ова нејзино тврдење. Не се сложувам со обвинителката. Еве, јас ќе кажам нешто околу оваа констатација – ,,самонаречен естраден уметник”. Навистина брутално негирање на некој кој ,,провозел” половина Влада плус висока обвинителка Кејти Џен. Плус драгата ни пратеничката, Фроса Ременски.
Човекот е холивудски калибар, вонсериски талент за влегување и излегување од разни улоги. Има театарски талент за драма, за режија, светло, монтажа. И секако – за главна улога. Имено, и во овој процес е првоосомничен. Ништо подолу. Таква му е ѕвездата изгледа.
Поседува харизма за привлекување публика, ја лепи за екрани, и` приредува забава, ги храни малодушните и простите со измешани емоции – смеа, тага, плач, љубов, охрабрување, омраза… Им го дава она кое не го поседуваат. И за миг им ги исполнува досадните животи со парче месо од сопствениот желудник. Кој, веќе, му прави проблеми по здравјето.
Длабоко психолошки ги подготвуваше сите свои улоги изминативе 15 години – од тинејџер кој анкетира по кафулиња, водител и домаќин во ,,Госпоѓа министерка”, учесник во реални шоуа, кој, наеднаш од маж во женска облека се трансформира во некој кој личи и зборува како студент од ,,Харвард”….другар на Карлеуша кој не се симна од белградски трач насловници , хуманитарец од светски калибар кој купува станови за сиромашни, иницијална каписла за конфликт, па сведок во тепање попови…
Прв другар на половина Влада на СДСМ, човек на кој екс генсекот на партијата, Кирацовски, му свиреше гитара на увце во полутемна, интимно осветлена кафеана.
Поседува една вознемирувачка и иритантна, но сепак неприкосновена драматичност во него, која урива рекорди во читаност и телевизиска гледаност. Обвинителке, па, видете ги бројките денеска на читаност? Никој ништо не чита, само Боки е во зенитот – што кажал или дали му се слошило.
И ќе урива и во наредни месеци, ако го држи здравјето.
Впрочем волку камери и блицеви како денеска пред, зад, наоколу Кривичен суд – немаше ни во 1991 година за прогласувањето на независна Македонија на плоштад Македонија, тогашен ,,Маршал Тито”.
Обвинителке, па зарем вие ќе бевте волку славна и фотографирана да не беше Боки?
Се` се врти околу него. Кога него ќе го заболи желудник, вие ќе немате судење, а со тоа ни блицеви и камери. Тој е секогаш вест, макар и не бил во судница на рочиште.
Тешко дека е ,,самонаречен естраден уметник”. Зборот ,,естрада” потекнува од ,,La strada” или пат.
А, на неговиот пат, во неговото лично возило кое бесно ,,крена” 320 километри на час, се изнагледавме многу високи функционери на СДСМ. А, и вас ве видовме, имено. Со шапка бевте на прославата на неговата телевизија, не? Само внимавајте, славата на ,,ла страда” е минлива. И опасна.
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]