Збогум, господине Мицкоски, вие сте најслабата алка!

Пишува:🎬 Јорданка Ивановска – Јоци

Во духот на популарниот квиз на Даниела Трбовиќ на ХРТ, кога таа ги поздравуваше губитниците со ,,збогум, вие сте најслабата алка”, така и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се очекува да биде испратен дома во периодот кој следува токму со овие зборови.

Без крајните зборови од Трбовиќ – ,,повеќе среќа следниот пат”, затоа што тој ќе биде збришан од политичката карта засекогаш. Во политиката нема среќа, се бараат само резултати, а Мицкоски нема ништо од тоа.

Бојкотот во Штип го активираше план ,,Б” на фракционерите

Фракционерските групации, обединети под под групацијата ,,Иницијативен одбор за вонреден Конгрес”, наголемо го подготвуваат својот ,,тежок арсенал” за смена на Христијан Мицкоски од лидерско место на ВМРО-ДПМНЕ.
Наши извори брифираат дека временскиот оптимален тајминг е најдоцна до Нова Година овој човек сам да си замине, за партијата да може да се подготви за победа на локалните избори.
Но, очекуван е отпорот од Мицкоски чии потези, реторика и инфантилна политика, веќе никој не ги разбира, па сè повеќе оваа неподнослива вмровска игранка личи на лудилото на главниот лик, Илија Чворовиќ,  од ,,Балкански шпион”.

Планот и добрата волја на фракционерите до пред една недела, како што објасни во интервју за ТВ24 градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски, беше да не ја брануваат партијата до изборите во Штип. Но, планот ,,А” се смени со план ,,Б”.
Стојановски е дел од фракционерите кои се залагаат за вонреден Конгрес.

Последниот потег на Мицкоски за бојкот на изборите за градоначалник на Штип, да избега од борба и да не влезе воопшто во рингот каде го чекаше нов пораз – ја прелеа чашата! И кај фракционерите, и кај опкружувањето на Мицкоски, но и кај членството. Расте незадоволството, но она поважното – расте поддршката за негова смена.

Дали има ,,ножиња” во фотелјата на банкротираниот политичар?

Мицкоски не е свесен дека во штофот од лидерската фотелја веќе има ,,ножиња”, израз на неговиот ментор – Никола Груевски.
А, можеби и е наполно свесен, па во обид за спас на касата и привилегиите, за спас на банкротираниот политички имиџ, во последен миг, партиската Комисија за безбедност му ја довери на бившиот разузнавач, Синиша Алексовски, менторот на ,,Левица”, како што веќе спомена Петар Богојески во емисијата ,,Во центар” на Васко Ефтов.

Дали по смената, Мицкоски, го чека место секретар во ,,Левица”, обезбедно токму од Алексовски кој ќе си замине со него!? Или сепак тоа се само напразно дадени ветувања кои никогаш нема да се остварат, а Мицкоски ќе остари по студените ходници на Машинскиот факултет, како професор кој залутал во политиката и потфрлил на секој можен начин? Времето ќе покаже.

Туку, дали се сеќавате на ,,Балкански шпион”?
Лудата вмровска игранка, без цел и вртење во круг со низа порази, во моментов личи токму на крајната фаза од полудувањето на Илија Чворовиќ.
Тој е маргиналец, лузер, кој за да се докаже пред системот, во сите гледа непријатели и ги прогласува за непријатели. Во тоа лудило тој ги втурнува сите блиски, кои, долго време веруваат дека Илија навистина – знае што прави. Во тоа му помага неговиот брат, Ѓуро. Култна е сцената кога генијалната Мира Бањац му вели на Ѓуро: ,,Па, кажи му, ти си барем разумен”. А, Ѓуро, според сценариото, е полуд дури и од брат му.
Ако ги препознаете ,,браќата” во оваа приказна – добро. Ако не, пак добро.
Во крајната сцена од филмот го гледаме Илија Чворовиќ на колена, како лази по улица за да го фати потстанарот, кој избега од неговото лудило – ама со неговата фотелја.
Филмот завршува така што Чворовиќ останува сам, само уште неговото куче го следи на празната улица….
,,Држи го” , одекнува во последните секунди од филмот. Како и да е, фотелјата веќе ја нема во следниот кадар.

ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Портрет на Мицкоски од февруари, 2020 година:

ПОРТРЕТ ,,МИЦКОСКИ” : Сокриен ,,слеп патник” во чамецот на ВМРО-ДПМНЕ

 

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!