
,,Раскажувачката”
Пишува : // Фросина Ѓорѓиоска
Најголемиот ,,благослов” во мојот живот е тоа што имам доволно средства за да не се возам со ЈСП. Тоа значи дека гумите на точаков ми се секогаш добро напумпани, а патиките увек удобни. Но, има моменти каде некогаш потребата од јавниот превоз е неопходна, затоа што такси од Козле до Бутел чини 500 денари за кои јас работам четири часа.
Обично таква авантура со ЈСП си дозволувам кога имам пари само за ѓеврек. Среќа што тоа е ретко. Од патниците од ЈСП циркузот ,,Медрано” може лекции да учи. Пеесет и седмица е авантура сама по себе.
Ете, некои сметаат дека соодветен патник во јавен превоз е да си неизбањат од Велигден со суканици под мишка поголеми од косата на Боб Марли, бидејќи за бричење уште немаш слушнато. За поинтензивен доживљај маицата треба да ти е барем неколку пати испотена на грбот и залепена. Толку залепена што може да ти ја извадат само со помош на пластичен хирург.
За да бидеш шофер во ЈСП, покрај возачка дозвола, треба да исполнуваш уште неколку услови: сериозно воспалени синуси, изгубено чувство за мирис како последица од синусите, нерви ко сајла и завршена обука за боречки вештини.
Стоиме со мајка ми во едно ќоше, згужвани ко бакшиш на забаталена маса и се молиме шоферот побрзо да стигне до Бутел. Но, зошто да е едноставно, ко може да е комплицирано. Прво ми улета едно бабче со бркчиња и почна да ме гушка, да ме бацува, оди па тргни се. Сирота жена се препознала, мислеше дека сум и` внука од некоја роднина. Оди докажи и` дека не си таа. Така излигавена на образите пробувам да и` кажам дека не сум јас Гордана, туку Фросина, ама полесно беше да станам Гордана.
Цел пат се викав Гордана, јбг. Не можам да и` замерам на женичката, која беше многу срдечна, благодарение на оној германецон Алцхајмер. Лево од нас една тетка со трајна црвена фризура, тазе излезена од под хауба и` влезе на мајка ми со муабет ко од риалити шоу. Мајка ми само климаше со главата демек ја слуша, а оваа и` ја раскажа целата животна приказна-како снаата не и` е погодена, како за викенд спиела до десет сабајле и не била домаќинка, била растурикуќа, а синот за греота станувал во осум за да ја коси тревата. Иначе, кажа дека на ќерка и` и било многу погодено, ја чувале како кралица, ни садови не перела. Свекрва и` готвела. Супер. Тоа е тоа што сакав да го знам во мојов живот. Информации од животно значење за мене. Што ќе правев јас сирота ако не дознаев за напатениот живот на анонимус тетка која ги малтретира сите во автобусот со своите животни причи. Откако виде дека мајка ми не се замара се сврте кај една друга жена. Во меѓувреме еден дедо кој рече дека треба да се симне кај ,,Нова Македонија”, се повози до ,,Холидеј Ин” и таму му текна дека требаше да се симне десет минути порано.
-Море јас најубаво ќе е, да си се одвозам до последна и после истиов шофер да ме врати. – поентираше дедово обраќајќи му се на тој до него.
А кај ,,Холидеј Ин” драма. Се отвара вратата од автобусот. Излегуваат двајца, а влегуваат дваесет души за кои веќе немаше место, ама буквално немаше место. Шоферот ја отвори вратата од неговата кабина, се извини и рече дека ќе мора да ги затвори вратите. Со право. Надвор останаа уште 7-8 луѓе. А позади нашиот автобус доаѓаше уште една 57-ца. Полупразна. Но, не. Македонче мора да се пикне во оваа првата, која беше прва само пет секунди пред другава.
Одеднаш некој почна со нога и со боксови да лупа на вратата, бидејќи шоферот не можеше да тргне заради гужвата пред него. Влакнест крмак од 200 килограми, со откопчан шлиц на панталоните, мустаќи и влакна како на пештерски човек. На таква граѓа можеше да позавиди и Кинг Конг. Удираше и викаше ко разбеснет питбул на кој му ја украле кременадлата. Автобусов тргна.
Овој почна да мава со камења и да пцуе. А, пред него стои веќе другата 57-ца каде може слободно да се качи. На наредната станица, вратата-падна. Извадена од шарка во буквална смисла. Среќа падна нанадвор и не повреди никој. Така добивме кабриолет автобус благодарение на крмакот.
Но, во таква состојба на автобусот шоферот не смее да вози. Се симнаа сите патници. Некои се прекачија во другата 57-ца, некои фатија такси. Животиште. Мене не ме разочара крмакот. По некој таков мора да има сегде, дури и во најцивилизирани општества. Ме разочара мајндсетот на мнозинството во автобусот. Го оправдуваа крмакот и велеа: е вака треба да се покажат заби.
Не другари, тоа не е покажување заби. Да покажеш заби ако ти е нанесена неправда во ред. Но, да дивееш среде Центар без никаква причина е далеку од цивилизација. Да го одобруваш тој акт е малоумност. Се правиме паметни, а не сме. Сакаме да бидеме цивилизирани, но не сме. Мене ми беше срам од мојот народ. Ми беше и страв од мојот народ. Поддржуваа агресија. Со тие луѓе делиме ист простор, ист град. Менталната матрица треба да ни се смени, а за тоа треба децении, можеби и векови. Мене од тој аспект ми е страв дека нема да не` биде. А, сите симптоми укажуваат на една дијагноза – нецивилизираност.
Настаните се вистински, но имињата на ликовите се измислени. Секое преклопување со имиња на вистински луѓе е коинциденција.
© Сите права се задржани. Производот е авторски и интелектуален труд. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот на веб страницата. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Секое недозволено преземање ќе биде санкционирано според Закон за авторски и сродни права.
Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк.