Боки 13 тврди дека има ,,бомби” за криминал на политичари и бизнисмени, бара да ги достави до ОЈО

Снимки, фотографии, аудио записи, транскрипти за бизнис и политичката елита, се дел од материјалите за кои Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека ги поседува и бара од шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал да го повика за да му ги предаде. Во новото писмо до јавноста, Јовановски-Боки 13 посочува дека бара да биде спроведен пред Ислам Абази, за кого наведува дека единствено му верува.

Вели дека располага со сознанија и докази за сторени кривични дела од високо профилни личности и бара без одложување да ги поднесе кривичните пријави и да ги предаде сите докази т.н ,,бомби” со кои располага во форма на аудио снимени разговори, транскрипти, остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи.

Писмото до Абази било испратено на 16 февруари, но тоа до денеска не е сторено, па Боки-13 и неговите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски писмото го испратија и до јавноста.

Одбраната апелира со внимание да се следи процесот, особено важно поради статусот и положбата на Бојан Јовановски, за кого апелираат дека по почнување на овој процес ќе биде изложен на интензивна тортура, притисоци и закани. Оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност, се вели во пропратното обраќање и на адвокатите.

Барањето на Јовановски испратено до Абази го пренесуваме во целост:

„Во месец јули 2020 година почнав со пријавување и поднесување на кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител од ОЈО-Скопје и требаше да продолжам со поднесување на пријавите, но до ден денешен не сум повикан, иако тоа го барав и по писмен пат до обвинителот Гаврил Ристовски да бидам повикан од негова страна. За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание. Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам веднаш и без одложување да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва  на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесонео од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави“, се вели во писмото на Јовановски испратено од затворот Идризово.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!