Нема Луна парк оваа пролет, Шилегов ја запре изградбата

Наместо да ја заврши и промовира првата фаза од новиот Луна парк оваа пролет, имено како што беше планот на минатата градска администрација, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, реши целосно да ја стопира изградбата на единствениот забавен парк во метрополата.

На терен, градежните работи започнаа уште во јули 2017 година. Преку два различни јавни повици, беа набавени седум реквизити кои чинеа 2,1 милиони евра, а дополнително за градежни работи беше исплатена сума од 1,6 милиони евра.
Градската власт не појасни што е со овие средства, дали на крајот од денот ќе бидат бесцелно фрлени пари заради последната одлука на Шилегов, а и што точно ќе се случува со фирмите „Боминг“ и „Ивама Трејд“ со кого градската власт има склучено договори. Не дадоа ни одговор во изјавите до јавноста, кога точно Скопје, родителите и децата, ќе добијат нов забавен парк.

Според математиката на Шилегов, подобро е локацијата за Луна паркот да ја даде на концесионер, без разлика на лошото искуство и претходно пропаднатите јавни повици во изминатите пет години, на кои не се пријавуваа фирми, поточно тие пропаѓаа и така некако се роди идејата, Градот Скопје, да биде тој кој ќе им подари на скопјани нов Луна парк. Според досегашните објаснувања на надлежните, станува збор за непрофитабилен бизнис, и поради тоа немаше заинтересирани концесионери.
Според планот и презентираното решение на минатата градска власт, новиот Луна парк треба да се простира на површина од 40.000 метри квадратни, со 26 реквизити. Вкупната сума за целиот проект изнесуваше 6,5 милиони евра, а парите требаше да се издвојат од градскиот Буџет во три фискални години-2017, 2018 и 2019 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!