ВЛАДАТА ДА ЗАБРАНИ НОВИ ВРАБОТУВАЊА !

Обелоденета е бројката на државна администрација-140.000 луѓе во 1.300 институции. Ја соопшти министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.
Заедно со пензионерите во Македонија, кои се околу 300.000 луѓе, доаѓаме до бројка од 440.000 лица, кои имаат единствени приходи од презадолжениот Буџет.

Тоа значи црвен аларм, време е оваа Влада да стави забрана на неодредено време  за вработувања во јавен сектор. И да укине безброј непотребни институции, раководни места, чии надлежности се преклопуваат и се нефункционални на секое ниво. Ниту некој знае дека постојат, камоли дека се потребен сервис на граѓаните.

Забрана за нови вработувања, значи и СДСМ да престане да вработува и сопствени партиски војници и така некако да обезбедува гласови за избори. Секако, за оваа бројка, Манчевски, не информираше на последната прес конференција. Поточно, колку луѓе ,,вдомиле” во изминатата година, откако се на власт. И тоа, без конкурси и потребни квалификации за местата каде се позиционирани.

За споредба, Србија, која има 7 милиони популација, три пати повеќе од нас, има 400.000 државни службеници. Или, со други зборови, се во слична каша. Но, во тек се реформи, намалување на оваа бројка. На сила е забраната за вработувања и во 2018, а итните вработувања одат преку посебна владина комисија

Кај нас, Манчевски, неодамна изјави дека нема намера никого да брка од преобемниот државен апарат кој ја цеди државната каса. Напротив, дури и ќе ги замолел да поработат нешто од оние 1.600 луѓе, кои, земале плата за седење дома. Па, дали сте при себе !?!
-Нема да има бркање од работа во државната администрација, но ќе се прави реорганизација за поголема ефикасност на државната служба-, изјави министерот за администрација и информатичко општество.

Не, Манчевски и Тевдовски, нема да оданочувате луѓе со стапка од 18%, кои, имаат приходи над 1.000 евра. И така некако да го цедите приватниот сектор, фриленсерите, креативците и интелектуалците, за плати за вашата тромава неупотреблива администрација, партиски директори, луѓе од илјада управни и надзорни одбори, сите заштитени како ,,бели мечки”, и за патни трошоци на вашите послушници во Собрание.

Што е многу, многу е.
Ниту сте вечни, уште помалку омилени како лани. Популарноста ви опаѓа со брзина на светлина.

 

© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!