
Нервозни луѓе, во долга редица од 200 метри, денеска, беа забележани на паркинг просторот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор, спроти хотелот ,,Холидеј ин”. Најголем дел од нив, беа родители со маскирани деца, дојдени наменски за настанот на плоштад Македонија, по повод 1 Април-Денот на шегата.
Некои од родителите беа толку нервозни и револтирани од бавната наплата во малиот киоск, единствен за цел паркинг, воедно и од наплатата во неработен ден-недела, што не се стегаа гласно да дофрлат-,,Ова е организиран грабеж за паркинг. Како не ви е срам да заработувате од првоаприлски детски настан”.
Настанот на плоштад беше во организација на Детскиот културен центар-Карпош и Град Скопје, кој традиционално се одржува секоја година. На „Априлијада 2018 – Скопје се смее“ учествуваа деца од сите градинки и училишта од градот Скопје и од околината.