
Центарот за култура „Трајко Прокопиев“- Куманово, в четврток, со почеток во 20 часот, ќе организира изложба на академскиот уметник, Новица Трајковски. Изложбата „Убава е Македонија“, која е дел од годишната програма на Националната установа „Трајко Прокопиев“ за 2018 година, ќе се одржи во Изложбениот салон.
Станува збор за трето авторско самостојно презентирање на дел од творечкиот опус на Трајковски во Центарот за култура во Куманово, по изложбата “Автобиографска исповед“, реализирана во 2013 година и изложбата “Од очите на ангелот, реализирана 2016 година.
Според историчарот Роберт Цветковски, третото и најново издание, насловено “Убава е Македонија“, е дел комплексниот циклус „Божествена љубов“ на Трајковски и преку него може да се согледаат неговите сликарски вештини и пристапи кон пејзажот инспириран од македонските простори.

Авторот Трајковски е роден 1962 година во Илинден, Скопско. Неговата едукација започнува во средното уметничко училиште во Скопје. Продолжува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот – сликарство, во класата на професорите Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Досега има реализирано 45 самостојни изложби во Македонија и странство, како и учествувано на многу групни ликовни изложби, проекти и колонии од државен и меѓународен карактер.