„Нашата слободна територија нема да се предаде по никоја цена. Нема да моли за милост и да клекне на колена. Ќе го брани својот беден и уценувачки опстанок со востание. Востание !“, порача писателот и амбасадор, Трајан Петровски, во писмото до премиерот Зоран Заев
Жители на општина Дебрца, во знак на протест против изградбата на регионалната депонија во село Годивје, на 22 април годинава, најавија блокада на патот Кичево-Охрид, кај месноста Ботун, информираа лица кои се дел од Координативното тело.
Блокадата како одлука, доаѓа по одржаната координативна средба меѓу жителите и локалната власт, советниците и месните заедници на 1 април годинава. На средбата, градоначалникот Зоран Ногачевски, уште една го повтори ставот дека ниту Општината, ниту пак Советот немаат мандат да ја поништат волјата на граѓаните изразена преку референдумска одлука. Членовите на Советот на Дебрца потенцираа дека нема да ја поддржат одлуката за пренос на надлежностите во областа со управување со отпад на централната власт, бидејќи тие се залагаат депонијата да биде во с.Годивје.
Жителите со поддршка од локалната власт својата еко-револуција, како што ја нарекоа, ќе ја продолжат до повлекување на одлуката од Министерството за животна средина.
На предвидената депонија е замислено да се собира целиот отпад од Западна Македонија. И минатата власт имаше замисла да ја реализира оваа идеја, пред осум години, но се откажа под притисок на јавноста и мештаните.

„Воскреснувањето“ на замислата за градење на депонијата, не ја поддржува ниту писателот и амбасадор, Трајан Петровски, родум од Дебрца. Неодамна упати отворено писмо до премиерот Зоран Заев, именувано како „Живот за сите, зеер и чемер за Дебрца. Збогување на Охрид со УНЕСКО“. Вината за идејата ја лоцира токму кај премиерот, како првоодговорен во естаблишментот.
-Немате отстапница-, му порачува тој.
Го потсетува дека идејата е стара седум-осум години, уште од владеењето на минатиот, како што вели „фашизоиден режим“, и уште тогаш ја примил со гнев. Исто така и дека народот од оваа општина, се изјаснил „против“ уште во август 2017, на голем сенароден собир во с.Годивје, кога децидно рекол „не“ за изградба на големиот ѓубралник. Во писмото потсетува на славното партизанско минато на Дебрца и на крајот порачува-„Нашата слободна територија нема да се предаде по никоја цена. Нема да моли за милост и да клекне на колена. Ќе го брани својот беден и уценувачки опстанок со востание. Востание !“.

Дипломираниот професор по физика од Велмеј, Гоце Кузевски, ги наведe аргументите против изградбата. Првата е еколошката димензија-недопрена убавина со голем број ендемски видови. Втората е популациона развојната димензија, месност каде се раѓаат помалку деца од минатото, археолошката димензија, историската, славното минато од НОБ.
-Ние, жителите на Дебрца, ве повикуваме да ја преиспитате одлуката, во спротивно ќе ја браниме Дебрца до крај-вели Кузевски.
Тој ги повика сите институции, добронамерници, интелектуалци, луѓе со потекло од Дебрца, да дадат свој придонес во оваа борба.