
Пишува: // Јорданка Ивановска-Јоци
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска, не сакаше да ги сподели со нас неговите приватни и службени разговори од прислушувањето за случајот ,,Поткуп”, додека бил под ПИМ мерки, како градоначалник на Струмица. Не сака да слушнеме колку пати на ден и со кого си гугал по телефон, што јаде, пие, договарал, но сакал сите нас да не` слуша во тие милион снимки кои ги доби на мемориски стикови.
Вели, судот така одлучил. Ахм.

Премиерот, кој поседува/ше снимки и од приватни муабети од половина Македонија, не сака ништо да сподели со нас, идентично и како газдата на ФБ, кој рече ,,не” на прашањето од сенаторот Дик Дурбин да одговори во кој хотел престојува и со кои луѓе зборувал во месинџер. Но, затоа сака да собира податоци за разни цели.
Човекот, кој, со ноќи и ноќи, со слушалки на ушите, преслушувал туѓи интимни разговори од ,,бомбите” и на цела Македонија и` пушти приватни муабети од еден куп функционери на минатата власт, за забава, а кои немаат врска со никакви кривични дела, денеска се сокри зад судот. Еве, ни пушти разговори од Јанкуловска и Ставрески, и тоа неколку пати, а од нив само дознавме дека екс министерката го сакала Хју Грант и си негувала пријателска врска со Ставрески. Во тие разговори немаше кривични дела, но тој ги пушти на звучници, на најсилно.
Судот ја исклучил јавноста. Ах, што има ,,рајата” да слуша разговори на премиер кој на снимка го гледаме како бара поткуп, но тврди дека во моментот бил заблуден. Чекајте, премиерот е малолетен, па може да биде заведен и заблуден !? Секако, не. Но, тој, сега е премиер, а јавноста, гласачите, не се достојни да слушаат што друго договарал или зборувал додека бил градоначалник.
И во ваква констелација на односи, се прашувам-кој судија би го осудил Заев за поткуп !? Има таков ? Не верувам.
Го немаме ние сенаторот Дик Дурбин и конгресменката Кати Кастор да го растресат од гаќи овој наш премиер, како што го растресоа директорот на ФБ за нарушување на приватноста на милиони луѓе.
Можеби, во некое идно време, сепак некој ќе одлучи и јавноста ќе може да слушне што тоа крие Заев. Потребна е временска дистанца за се`, па и за ова.