Зоране Заев, кој ги уби петмината кај Смилковско езеро ?

 

Пишува: Јорданка Ивановска-Јоци

,,Нашите деца во четврток се убиени, во петок се донесени дома. Беа со отворени очи. Во петокот цела ноќ, до саботата попладне, кога ги погребавме, им течеа солзи. Сите кои си поигруваат со нашите деца да се плашат од тие солзи”, рече денеска Зорица Наќевска, мајка на убиениот 18-годишен Александар Наќевски.
Оваа храбра жена, мајка со нож в срце, ја фрли ,,бомбата” за масакарот кај Смилковско езеро. Онаа, која, Зоран Заев не собра храброст да ја пушти на македонската јавност и да го тргне сеништето и кошмарот кои висат врз мајка Македонија од 12 април 2012 година.

Зоран Заев не го читал Достоевски. Онаа негова мисла дека ,,сите идеали на овој свет, не вредат колку солзата на едно дете”. Во тој контекст, ниедна препорака за ЕУ не вреди колку солзите на убиените кај Смилковско. Таа препорака дојде и ние ќе продолжиме да чукаме на вратата на ЕУ уште најмалку 15 години, затоа што, како што рече Макрон-ЕУ не треба сега да се фокусира на земјите од Западен Балкан, напротив на себе.

Да го читал нашиот премиер Достоевски, денеска, ќе дојдеше во судница да ги погледне в очи родителите и роднините на убиените кај Смилковско езеро, на кои им одеше дома кога не беше власт и им кажувал факти, кои, денеска ги обелоденија-дека во масакарот се вмешани функционери од ДУИ.
Затоа и го побараа она, кое сите се плашат дури и да го помислат-стражарно приведување на Заев за да ја каже вистината. Го нарекоа соучесник.
Овие луѓе немаат што повеќе да изгубат, изгубија се`, но Заев има што да изгуби-премиерското место.

Струмичкиот екс градоначалник, Заев, за кој сите велат дека бил тогаш друг човек, денеска, не отиде да се соочи со луѓето на кои три години им ветува ,,вистини”, а тие три години живеат во агонија и голтаат ли голтаат апчиња. Тој сега е премиер, кој се оградува од се` и зборува за правен систем. А, тој правен систем не важеше премиере кога ветуваше и пушташе секакви снимки кога беше опозиција ?
Како ли спиеш со твојот товар ?

Кој ги уби петмината кај Смилковско езеро, Зоране Заев ? И до кога ќе молчиш ? Ти ВЕТИ. Ти РЕЧЕ. Ти НЕ ИСПОЛНИ. Ти сам ја зема улогата на обвинител, судија, месија и ангел пред три години кога не беше на власт и се расфрлаше со најави за расветлување на убиствата кои ја потресоа Македонија. И продолжи да ветуваш до доаѓањето на власт. Но, ти веќе не си ангел. Откога замолче.
Молчењето е пострашно од вистината.
Македонија има сила за вистината, ти си тој кој немаш, затоа што твојата Влада ќе падне за едно деноноќие ако ја кажеш.

Твојата амбиција е очигледно поголема од Смилковскиот масакар, кој се надеваш дека ќе го заборавиме.
Нема да го заборавиме !!
Чекаш да заборавиме дека ВЕТИ вистина, додека ти тонеш и се губиш себеси, опкружен со лаги, суети и амбиции.
Ти утре нема да бидеш премиер, но тие луѓе заслужуваат да почиваат во мир.
А, и сите ние да живееме во мир.
Ако воопшто се сеќаваш, на сите им беше пукано од зад грб. Но, ужасот и стравот, останале во нивните очи и по ладењето на телата. Ширум отворени, со солзи.

Зоране Заев, кој ги уби петмината кај Смилковско езеро ?

Текстот е авторски производ, но е дозволен за преземање без надоместок, со хиперлинк. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!