БАЈКАТА НА СЕНАД СМАИЛОВИЌ: За три месеци-од возач до директор на ,,Улици и патишта”

Сенад Сенко Смаиловиќ, пред да биде наименуван за директор на јавното градско претпријатие ,,Улици и патишта”, на 17 ноември 2017 година, три месеци бил ангажиран за работни задачи во кабинетот на заменикот-министер за здравство, Гоце Чакаровски, меѓудругото и како негов возач, потврди самиот тој денеска.
На тоа место бил вработен со договор на дело, за кое не се бара конкурс, ни квалификации. Според Чакаровски, тој, му бил на располагање 24/7 за секаков вид работни задачи.

Работниот договорен однос во министерството му започнал на 31 јули и траел до средината на ноември, кога градоначалникот Петре Шилегов го наименуваше за директор. Со основна плата од 55.000 денари, како што тврдеше скопскиот градоначалник, наспроти обвинувањата од ,,Левица” дека менаџерскиот договор на Смаиловиќ ,,тежи” многу повеќе на месечно ниво.

-Во однос на вашето прашање за Сенад Смаиловиќ информираме дека тој бил ангажиран со договор на дело во Министерство за здравство во периодот од 31.07. 2017 до средина на ноември, да извршува работни задачи за потребите на кабинетот на заменик министерот за здравство. Договорот е прекинат поради негово назначување на работна позиција во друга институција-, изјавија од одделението за односи со јавност при Министерство за здравство.

Во однос на неговото образование, дали има висока стручна спрема за директор, на официјалната веб страница на партијата СДСМ, пишува дека е роден на 15.6.1987 година и дека  ,,студира на факултетот за Политички науки”. Тоа имено е податок и на неговиот фб пејџ.


Неговата сестра, Мерсиха Смаиловиќ, на прозивките за брат и`, на социјалните мрежи тврдеше дека брат и` завршил факултет, но не покажа диплома, а не соопшти ни кога точно дипломирал. Односно, дали тоа се случило по формирањето на новата Влада од СДСМ, чиј активен член е самиот тој.

© Сите права се задржани. Забрането е копирање на содржини за комерцијални цели, преземање на текстови или делови од нив, без дозвола од авторот. Не е дозволено ниту преземање на содржините со хиперлинк до информацијата на веб страницата, без дозвола од авторот. Преземање на содржини на социјални мрежи, за некомерцијална употреба, е дозволено со хиперлинк. 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!