
Претседателката на ,,Транспаренси Интернешнл-Македонија” (ТИ-М), д-р Слаѓана Тасева, обелодени дека вчера добила закани од вицепремиерот Кочо Анѓушев. И тоа на дипломатски прием, пред сведоци.
Немилиот инцидент од вицепремиерот доаѓа по објавувањето на извештајот од антикорупционерите за неправилности во стечајната постапка на ФЕНИ и поднесувањето на кривични пријави.
-Анѓушев се закани: ќе одам до крај, ќе те тужам, знаеш ли кој сум јас, јас сум најмладиот доктор на науки! Сето тоа со агресија, ароганција, и со неговиот бодигард до него, на приемот на Британскиот амбасадор.
Јас такво закана и агресивност не сум доживеала ниту во Авганистан каде некои од луѓето во власта се воени лордови. Тие што синоќа стоеја до мене, останаа шокирани! Ова ли е владата за која одевме по улиците.
Очигледно случајот Фени и мониторингот над стечајот што е во тек, вознемири многумина, а најмногу именуваниот. Постојано бара да гледаме што било пред тоа, односно кој крадел порано, а не што се прави сега.
Господа, криминалот и работењето пред стечајот нека го истражат и докажат институциите. Ние правиме мониторинг на тоа како се води стечајот денеска. А таму има проблем, стечајот НЕ се води добро. И затоа има паника-напиша д-р Тасева на својот ФБ профил.

Кривичните пријави за лица инволвирани во стечајната постапка на ФЕНИ, од ТИ-М ги поднесоа поради незаконски склучен договор со швајцарска фирма ,,ГСОЛ”. Поради тој договор, фабриката почна повторно со работа пред два месеци. Од ТИ-М, бараат договорот да биде поништен, бидејќи идентитетот на ,,ГСОЛ” не е утврден.
-ТИ-М изразува загриженост поради нетранспарентност и други бројни воочени неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка на Фени Индустри АД Кавадарци и укажуваат на оправдан сомнеж за коруптивно однесување од страна на стечајниот управник и стечајниот судија за кои поднесе кривична пријава, како и на други функционери, лица во банките – доверители и останати лица вклучени во неа-, се вели во соопштението.
Прочитајте повеќе на следниот линк.