
И покрај општопознатиот податок дека јавното здравство има недостаток од кадри и поради тоа е во бројни проблеми, а пациентите трпат, Министерството за здравство, на 23 април годинава, испратило допис до Универзитетските клиники, клинички болници, општи и специјални болници за ангажирање на медицински кадар за потребите на армијата поради недостаток на здравствени работници, како и за потребите на меѓународни мировни воени сили.
Дописот е испратен откако за тоа била донесена Одлука на Влада.
Се бараат лекари-специјалисти од областа на трауматологијата, ортопедија, дигестивна хирургија, анестезиологија, радиологија, медицински сестри (инструментарки и анестетичари), како и рентген техничари.
Ангажманот од јавното здравство во армијата ќе биде согласно концептот за активна резерва. Кадарот кој би бил обучен ќе биде на долгорочно на располагање на АРМ.
Оние, пак, лекари-специјалисти, кои би биле ангажирани за мировни мисии ќе бидат исплатени по 3.500 евра месечно, додека медицинските сестри по 3.000 евра.
Изборот на кандидатите ќе го спроведе заедничка комисија од Министерство за здравство и АРМ.
Наспроти новата одлука на Владата, која ја реализира Министерството за здравство и министерот Венко Филипче, а значи празнење на болниците за други потреби, тој пред неколку месеци тврдеше нешто сосема друго-дека клиниките имаат недостаток од кадар. Некои одделенија дури беа затворени привремено, токму поради овој факт кој и самиот министер го призна.
-Направивме анализа со министерството за труд и социјална политика и идентификувавме голем број на невработени сестри, верувам дека ќе можеме да најдеме кадар кој што ќе работи во овие одделенија, одделение да се затвори и да не дозволиме никаква импровизација додека нема доволен број на луѓе. Очекуваме резултатите да ни покажат каде и за која струка во рамките на целата држава ние треба да се сконцентрираме не само за сестри и за доктори по оддели по специјалности, изјави Филипче пред два месеци.
Лекарската комора пак излезе со алармантни податоци-дека од 22 дипломирани доктори на годишно ниво, 173 заминуваат во странство.
-Македонија за три години ќе остане без матични доктори и медицински сестри – , рекоа од Комората.
Потенцираа дека лоша е состојбата и со бројот на доктори во клиничките болници во терцијалното здравство. Освен што многумина заминуваат во странство, нема вработување на нови кадри во болниците, објаснија пред неколку месеци членовите на Лекарска комора.