
Вработените во Театар Комедија обвинуваат дека по доаѓањето на новото раководство театарот е на некој начин приватизиран, грабнат, монополизиран. Раководните луѓе, поставени на три од пет високи позиции во Управата на театарот, ем се пријатели и бизнис партнери, ем се застапени со главни улоги во претставите.
Станува збор за в.д. директорот Сашо С. Ристовски, и брачниот пар Мими и Роберт Ристови. Сите тројца се вработени во театарот и се распоредени на раководни места. Поточно, Ристовски е в.д директор, Ристова е уметнички директор, а нејзиниот сопруг е раководител за маркетинг и продукција. Триото Ристовски-Ристова-Ристов паралелно поседува театарска група и продукција „Крик“. Една нивна претстава се игра на сцената на Театар Комедија.

На сите овие обвинувања, в.д директорот не гледа и негира било каков непотизам и конфликт на интерес во случајот на брачниот пар Ристови.
– По моето доаѓање на функцијата в.д. директор на НУ Театар Комедија, назначив нов тим на раководители, во кој, меѓу другите, се и моите колеги Роберт Ристов и Мирјана Ристов. Предлозите беа дадени од мене како раководител и беа одобрени од управниот одбор на институцијата, согласно со Законот за култура и статутот на установата. Непотизам не постои, ниту пак конфликт на интереси, од причини што јас како в.д. директор на НУ Театар Комедија – Скопје не сум во никакви роднински врски со нив. Тие се мои долгогодишни соработници во продукција на проекти и секако, сметајќи на нивната професионална посветеност и визија за театарот и уметноста, ги именував за раководители.

Во моментов, тројцата имаат главни улоги во неколку проекти, всушност се застапени или како главни актери или како режисери во претставите кои се на репертоарот.
Режисер на претставата „Дони Дарк„ е Ристов (негова магистерска работа), потоа реалното шоу „Прво ќе ме земеш, после ќе ме…“ е продукција на „Крик“ и во неа улоги има брачниот пар раководители.
Сите тројца имаат улоги во „Жена ми се вика Борис“, а во четвртиот прооект „Мизантроп“, кој е во подготовка, главна улога има повторно Мими Ристов.
В.д. директорот негираше дека и нему му била дадена главна улога во „Мизантроп“, на почеток, при поделбата на улогите.
-Тоа дека сме го приватизирале Театар Комедија и дека во театарот функционираат два театри е клевета. Единствената претстава којашто има поврзаност со Театар „Крик“ е претставата „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“, чија премиера беше на репертоарот на Театар Комедија уште во декември 2016, во рамките на проектот „Среќна недела“ (термин за приватни продукции на претходното раководство). Претставата се играше на истиот начин како што сега се игра „Чао пријатно“ во приватна продукција на актерите Тино и Атанас-, појасни в.д. директорот.
Додаде дека продуцентите, брачниот пар Ристови, по промената на раководството, дале писмени изјави со кои се откажале од било каков финансиски надомест за претставата (за изведбите во Театар Комедија). Сѐ со цел збогатување на репертоарот на ТК. Дури тврди дека продолжувањето на животот на оваа претстава за нив претставува финансиска загуба, а не бенефит, сé во интерес на одржувањето на репертоарот на Театар Комедија. Како и дека „претставата сѐ уште се игра пред преполн салон, а средствата влегуваат директно во касата на Театар Комедија“.
Околу претставата „Дони Дарк“ во режија на раководителот Роберт Ристов, кој е негов магистерски труд по режија, в.д. директорот вели дека започнала да се подготвува уште во мај 2017 во просториите на ЕФТА, кога сѐ уште не биле спроведени промените во театрите.
-Во крајната фаза на подготовките магистрантот поднесе писмено барање за овозможување на неколку мизансценски проби и премиерна изведба во својот матичен театар. Самиот си ја продуцираше претставата, обезбедувајќи спонзорства и вложувајќи лични финансии за сценското обликување на претставата. Управниот одбор донесе едногласна одлука дека е потребно на секој вработен кој се надоградува во оваа установа да му се даде можност да го презентира својот труд на сцената на ТК-смета тој.
Претставата била задржана на репертоарот поради високите уметнички вредности, со одлука на Управниот одбор, како подарок од Ристов.
(Утре: Вработените обвинуваат за партиски влијанија во уметноста )
[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]
[facebook]