
Како се одвиваше продажбата на фамозниот ,,мерцедес” на Никола Груевски за амбулантни возила, кои, СДСМ ги вети, а никој, никогаш не ги виде. И покрај тоа што Зоран Заев се повикуваше на паролата ,,зборот е збор” дека има сериозна намера да го продаде.
Помина една година од доаѓањето на власт на СДСМ. Цената на ,,мерцедесот” во јуни 2017 година од 580.000 евра падна на 400.000 евра, а при крај на годината на 250.000 евра. Во моментов никој не соопштува колкава е сега, но вчера беше распишан тендер за сервисирање на ова возило. Сега се поставува прашањето-дали е политички морално да се отуѓи по исклучително ниска цена и дали во оваа фаза тоа нема да биде на штета на Буџетот на Македонија ?
Сите изјави за тоа на ,,М”.
Зоран Заев, премиер
-Не му биле доволни милионски плацеви на Водно и повеќе станови, па посакал и добил најлуксузно возило, какво што нема во Југоисточна Европа, да ужива на сметка на граѓаните кои во меѓувреме ги осиромашува-
(13.5.2015)
Зоран Заев, премиер
-Набавната цена на „мерецедесот“ е 580.00 евра, ако го продадеме, нема да му земеме повеќе од 440.000 евра. Најверојатно ќе го користиме само за високи, меѓународни делегации. Тој е оставен во гаража, уништен, изгребан од мачки. Се надевам дека наскоро министерот за внатрешни работи ќе ги повика новинарите и ќе им покаже во каква состојба се наоѓаова прескапо возило-
(6.6.2017)
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи
-Зборот е збор и јавноста треба да види како се луксузирала претходната гарнитура, колку и како е оштетено-
(10.6.2017)
Зоран Заев, премиер
-Ќе го продадеме ,,мерцедесот”, а со парите ќе купиме амбулантни возила за клиниките-.
(8.10.2017)
Следниот ден, во медиумите осамнаа наслови – ,, Катастрофални услови на Гинекологија, умираат по три бебиња неделно”.
Влада на Македонија
-Владата на синоќешната 43-та седница ја усвои одлуката со која автомобилот „Мерцедес“ од околу 600.000 евра што беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, и се дава на трајно користење без надомест на владината Служба за општи и заеднички работи-
(20.12.2017)
Пеце Мирчевски, директор на Службата за општи и заеднички работи
-Прво мерцедесот ќе се даде на проценка во Бирото за судски вештачења, каде ќе се утврди колкава е неговата вредност во моментов. Потоа ќе објавиме лицитација.
(21.12.2017)
Никола Груевски, пратеник и екс премиер
-Намерата е едно од двете, или планираат да создадат клима за да не се продава мерцедесот или планираат да го продадат на некој свој, трето не може да биде-
(12.2.2018)
Миле Бошњаковски, портпарол во Владата на Македонија
,,Мерцедесот е симбол на едно време кое сакаме да го оставиме зад нас”,
(14.2.2018)
Одлука на Влада
-Владата на Република Македонија на вечерашната седница донесе одлука со која се става во мирување процесот на продавање на возилото „Мерцедес”, кој е дел од политички случај на СЈО „Тенк“-
(7.3.2018)
Служба за општи и заеднички работи
-Објавен е оглас за сервисирање на блиндираниот мерцедес С 600. Предвидени се 27.500 евра за сервисирање без платен данок-
(31.5.2018)