
,,Раскажувачката”
Пишува: Фросина Ѓорѓиоска
За да бидеш интелектуалец во Македонија, треба да исполнуваш минимум три услови:
1. да носиш очила, 2. секаде кај што ќе стигнеш да потенцираш дека не гледаш ТВ и 3. да имаш решено крстозбор у весник.
Уште ако имаш дома полица со книги, кои може, а и не мора да ги имаш прочитано, по автоматизам стануваш врвен експерт во твоето маало. Но, експерт за што ? За било што.
Еднаш и јас бев дел од еден таков собир на интелектуалци. Всушност јас бев поводот што таа ,,вонземска интелигенција” се собра да го набљудува овој обичен смртник под нивната лупа скроена од песимизам и предрасуди. Примерок за анализа. А зошто фокусот падна баш на мене? Затоа што бев девојка на нивното синче. Семејна вечера кај нив дома и официјално запознавање на потенцијалнава снашка:
-Ти, кукло, што си по професија? -прашува таткото, уштиркан у оделце и кравата, небаре има состанок со англиската кралица, иначе професор по математика.
-Келнер-, кратко одговарам. Разочарување во најава.
– А што школо имаш завршено? – љубопитно дофрла мајката, архитект, веќе бледа ко брашно и со покачен притисок од мојот претходен одговор. Кога сме веќе кај архитектурата, нејзината карикатурна појава повеќе личеше на дивоградба, отколку на уметничко дело, но изгледот паѓа во вода, кога ќе се спореди со отровите кои излегуваа од нејзината уста.
-Педагошки. Во превод тоа е учителка од прво до четврто. Но, се пронајдов во угостителството и не би ја менувала сегашнава работа за ништо. – гордо велам јас, небаре вчера ме примиле у НАСА, додека нивното синче, доктор, нервозно цупка со ногата под маса и голта кнедли, затоа што не знаеше како да ја прекине глупавата испитувачка атмосфера.
-Ааа, значи немаш професија, немаш кариера. Не си амбициозна. Немаш биографија. – ми вели Урсула која нервозно боцка со вилушката од јуфките, кои, таа милуваше да ги нарече тагатели, затоа што странЦкото име звучи поскапо.
Ало, жено, јуфки кажи си, не е срамота. За разлика од мене и мојата неамбициозност, таа беше крајно амбициозна, барем што се однесува до тоа да ги задржи веќе постоечките облини со помош на јуфките кои од трпезата исчезнаа за пет минути. Нормално, никој не стигна да ги проба, освен таа.
-Ти да знаеш колку девојчиња го сакаат Мишко мој, едната докторка ко него, другата адвокатка. Го бараше и една ќерка на наш политичар. Ама, ете, тој не знам што се затрескал во тебе – следува драмска тишина после изјавата на Урсула (по лепота и шарм ко Урсула од анимираниот филм ,,Сирената Ариел” ).
-Другите не му го дигаат, затоа е со мене. – ја прекинувам мртвачката атмосфера со ,,контроверзна изјава” што би рекле нашите еминентни интелектуалци.
А, Мишко, сирот се поти, црвенее, незгодно од целокупниот амбиент. Си ги бара мудата за да ја прекине мајка му, ама му ги нема. Изгледа му ги изела заедно со јуфките.
-Види ние не би имале ништо против тоа што си нереализирана, само во еден случај. А тоа е во случај да не си му девојка на Мишко. – зајадливо дофрла татко му на кој ми идеше да му ја постегнам краватата за да му дојдат очите до израз.
-Види, ти си математичар и ќе ти ја објаснам ситуацијава на твој начин. Вие упорно и очајно сакате два и два да НЕ се четири. Ама толку се. Нема варијации со конечниот резултат.
Колку побрзо го прифатите тоа, толку подобро за вашето психичко здравје кое и онака е нарушено. И пошто знаеш да рачунаш, израчунај колку ти се исплати да ме вреѓаш, затоа што те видов што правеше вчера у кафана со другарите и со таа со црвениот минич, бидејќи јас бев на соседната маса, позади тебе-, му реков, а човекот почна да кашла и да се засркнува од страв затоа што Урсула се приближуваше од кујната накај нас.
Што може да се очекува од општество кое е расадник на глупоста, освен стереотипите и предрасудите званично да се етаблираат? Ништо. Ќе продолжиме и понатаму да се палиме на титули, место да аплаудираме на човечноста. Ова опшество ни стимулира натпревар, место соработка. Его место човечност. Туѓата несреќа ни е храна. Затоа нема да не биде.
Мишко едвај собра храброст да им каже дека претерале. Ме фати за рака и излеговме на пијачка. На Мишко му реков:
,,Тебе твоите ќе те оженат со некоја со титула, со висок статус во општеството, мирна, тивка, без идентитет, која нема да буди никаков жар во тебе ама ќе биде стабилна и реализирана. Нема да биде бунтовна ко мене. И нема да ја сакаш. И ќе бидеш несреќен”. Ми рече да не тропам глупости. Но, година дена подоцна раскинавме. Набрзо го оженија со токму таква каква што му реков дека ќе земе. Добија и ќерка која е копија на него. Сигурен доказ дека имале секс барем еднаш. Ги видов фамилијарно у парк. Додека жена му земаше сладолед го прашав како иде. Ми рече онака, обично, досадно.
-Стерилна атмосфера Фрос, ти се остварија пророштвата-.
Сега пред некој месец разбрав дека потпишал развод и заминал да живее во Загреб, сам.
Ако сакате нешто или некого борете се за тоа колку и да изгледа тешко и невозможно. Не се плашете да љубите. Врескајте го неговото/нејзиното име со љубов, со страст. Бидете емоција сами по себе. Нека ви трепери срцето. Само така сте живи.
Не дозволувајте никој да ви кажува што е најдобро за вас, макар биле тоа и вашите родители. Сакајќи го најдоброто за своите деца, тие- често пати грешат. И тие се луѓе. Не можеме да им замериме. Борете се сами за сопствената среќа, затоа што само вие знаете што е најдобро за вас. Имајте на ум дека на патот на вашата среќа ќе застанат многумина, но несреќата ќе треба сами да ја носите.
Заебано е знам …